Додека здравството ни колабира пред очи, Филипче тврди дека се е под контрола

Власта не признава дека новиот корона бран го стави пред колапс здравствениот систем, дека има турканици за преглед и преполни болнички соби. Бројот на заболени рапидно расте, а со тоа се зголемува и притисокот врз болничките капацитети и докторите кои се преморени од едногодишната битка со корона пандемијата. Пациентите со часови чекаат да добијат лекарска помош. Иако пред само еден месец се вратија на матичната функција, Клиниките за кожно и гастро повторно ги отворија вратите за ковид позотивни пациенти. Метеж има и пред Клиниката за неврологија, која со месеци работи како ковид центар.

Граѓани во очај спас бараат преку социјалните мрежи – секојдневно се среќаваат сведоштва на пациенти кои иако биле во тешка здравствена состојба поради корона пандемијата, не добиле болнички кревет и по прегледот за кој понекогаш се чекало и со часови, биле вратени на домашно лекување. Но, надлежните не гледат проблем. Министерот тврди – слободни легла има.

„Има слободен број на кревети во буквално секоја ЈЗУ. Секаде и во модуларните болници и во болниците каде на интерните или инфективните одделенија се лакуваат и сега пациенти. Овде во Скопје во функција се вратија и Интерните клиники, еден дел веќе вчера, комплетно за време на викендот“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Британската мутација која побрзо се шири меѓу населението ја зголеми потребата од ПЦР тестирања. Пунктовите се преоптоварени, термини нема, а оние што не мжат да си дозволат да плаќаат илјадници денари на приватно, се принудени да патуваат во други градови за да направат тест за корона.

„Но термини нема до петок. Она кое што можев вчера да закажам на пациентка која што бараше, закажав за Свети Николе, бидејќи таму најдов слободен термин. И посочив на пациентката дека нема друга алтернатива, реакцијата беше зошто да одам во друг град, па тоа е трошок… Наше беше да и обезбедиме еве термин да фатиме“, вели доктор Лилија Чолакова Дервишова, матичен лекар од Велес.

Бројот на хоспитализирани се зголеми двојно за две недели. Околу 920 пациенти се лекуваат во болниците ширум земјава. Покрај болничките одделенија, во функција се ставени и модуларните болници во поголемите градови. Во главниот ковид центар во Скопје, Инфективната клиника, се лекуваат 130 пациенти. Таму уште неколку легла се слободни од монтажната болница. Место нема ниту во ГОБ 8 Септември – хоспитализирани се близу 80 пациенти, сите на кислородна поддршка.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста