Додека Европа полека се откажува од сертификатите, во Македонија масовна акција за дисциплинирање на угостителите

Државниот пазарен инспекторат и УЈП викендов во масовна акција низ угостителски објекти – казнуваа гости и угостители поради немање ковид сертификати или поседување на лажни. Додека повеќето земји низ светот се откажуваат од оваа мерка за заштита од корона вирусот, надлежните казнуваат луѓе кои немаат ингеренции да проверат дали вакциналниот сертификат воопшто е валиден – последен пример во низата беше случајот со угостителот од Гевгелија кој заработи казна од 7000 евра само затоа што гостите во објектот имале лажни сертификати иако вработените не смеат да проверуваат лични податоци на гостите како би дознале дали навистина се вакцинирани.

-Може да ми се смеете колку сакате, или кој сака, 7.000 евра казна во време. Две години се бориме да преживееме. Две години не можеме два денара да извадиме. Позајмици правам да платиме струја, да платиме. Ова е катастрофа – низ солзи зборуваше угостителот од Гевгелија.

Многу светски земји ја укинаа оваа мерка бидејќи како што здравствените власти информираа нема ефект – но кај нас, Комисијата за заразни болести не размислува во овој правец. Портпаролот д-р. Злате Мехмедовиќ кратко ни одговори на нашите прашања, дали ќе се укинат ковид сертификатите и го повтори ставот на Комисијата кој беше изнесен уште минатата недела.

Ставот на Комисијата за заразни болести е ист во однос на ковид сертификатите. Утре имаме редовен состанок со членовите на Комисијата, но за сега не се размислува за укинување на оваа мерка – вели д-р Мехмедовиќ.

Дека многу луѓе се шетаат со фалсификат или туѓи сертификати, постојано алармираат и лекарите. Според микробиологот Никола Пановски, ковид сертификатите треба итно да се укинат бидејќи немаат ефект, а за нив нема никакво медицинско оправдување.

Многу пати сум повторил – ковид сертификатите се најголемата глупост на 21 век. Постојано апелирав дека требаше да бидеме прва земја во светот која ги повлекла сертификатите – вели д-р Никола Пановски.

Контроли во угостителски објекти имаше во Кавадарци, каде се изречени казни на 28 лица. Во Кочани клуч на врата добија три угостителски објекти, од кои два поради, како што гласи соопштението, „фалсификување исправа“  а затекнати биле 39 лица без сертификати.  И во Охрид едно лице законски ќе одговара поради поседување на лажен сертификат за извршена имунизација. Во тетовско беа затворени четири угостителски објекти, а затекнати беа 27 лица без сертификати.

Меѓу земјите кои ги укинаа ковид сертификатите се Германија, Шведска, Израел, а во насока на делумно укинување размислуваат и хрватските здравствени власти.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста