Доцни ветената изградба на прилепската обиколница за тешките товарни возила, па тие сообраќаат низ центарот на градот

      Испукани куќи, екстремно аеро-загадување, безбедност доведена под голем знак прашалник.Тоа се последиците од секојдневното движење на четириесет-тонските товарни возила по улиците „Егејска“ и „Мице Козар“, лоцирани во центарот на Прилеп. Жителите гневни, бараат итно пренасочување на овие возила. Во спротивно, се закануваат со блокирање на овие две централни улици.

    „Тешки камиони врват од утринските до вечерните часови…Еве, и сега во моментов врват тешки камиони кои предизвикуваат оштетувања на самите куќи, а предизвикуваат и штета по здравјето на целата оваа улица..“, вели Емил Гугучески.

   „Многу камиони има пуштено по улицава да поминуваат, со голема тежина. Кога ќе врват, куќите се тресат. Испукано има ѕидови на постари куќи што се…Големи камиони…со голема тежина од 30-40 тони, нон-стоп во текот на денот по 50-60 поминуваат, и ноќе, некој во 4-5 часот поминува овде, те разбудува дури, кога ќе почнат да лупаат“, – се жали друг жител.

  „Улицава е преоптоварена со транспорт на товарниве возила од Мермерниот комбинат кон Македонски Брод, кон Кичево, кон фабриката на Мермерен комбинат долу. Возилата се претешки…Тука по оваа улица поминува и каналот од Дабничка Река…кој е поблизок има поголеми штети, има пукнатини по куќите…“, – објаснува друг повозрасен граѓанин.

  „Брзо возат камиониве не можат да закочат…дури не е нешто случено предвреме да се прекине ова нешто…Испукана е и куќата од самото тресење од камионите, од тежината…“, стравува жител на улицата „Мице Козар“.

  Овие луѓе разочарани се и од нереализацијата на ветениот проект за изградба на обиколницата, со која требаше да им се реши овој проблем.

  „Тоа е ветено многу одамна, дека ќе излегува од Езеро на автопат. И стварно жалосно е како не можат да изградат 5 км пат..затоа што овде врват и преку 1000 коли….Јапонците направија под океан автопат, овде не можеме да изведиме еден пат за да ги извадат камионите каде што нема да им пречат на луѓето“, – посочува Методија Дамадулески.

   Локалните власти пак, признаваат дека овој сериозен проблем постои. Признаваат и дека проектот за изградбата на обиколницата, кој од страна на Министерството за транспорт беше ветен уште во април 2018-та година, не е реализиран. Но, според градоначалникот Илија Јованоски, во периодот што следел ќе биле преземени сите потребни дејствија за да се надминел овој сообраќаен хаос. Инаку, тој, по само неколку месеци од доаѓањето на власт, вети дека до крајот на неговиот мандат ќе биде изградена обиколницата во должина од 6 км, од Рудникот „Сивец“ до регионалниот пат кај Плетвар.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста