Доцни реализацијата на поголемиот дел од ветуваните капитални проекти во Прилеп

        Реализацијата на поголемиот дел капитални проекти во Прилеп, а кои на големо беа ветувани пред последните локални избори, најверојтно ќе чека подобри времиња. Засега ништо од реконструкцијата на Старата прилепска чаршија, ниту од изградбата на Спортско – рекреативниот центар со затворен базен, а ниту пак, од изградбата на нов театар. Единствено, пред неколку дена, конечно започнаа градежните работи за изграбата на Детската градинка, проект вреден 110 милиони денари, а чиј рок на изградба, градските власти, од 2017-та година до сега, на неколку наврати го пролонгираа.

    Според градоначалникот, Илија Јованоски, Спортско-рекреативниот центар, капитален проект, вреден 120 милиони денари, а наменет за учениците и за граѓаните-рекреативци, годинава, сигурно немало да биде завршен, но вели, градежните работи ќе биле започнати.

   „Во тек е постапката, значи се прават последните завршни работи и мислам дека за два-три месеци ќе го има…Нема да се изгради во целост, ама ќе биде повеќе од половина направен…барем така е планот“, – ни изјави за Алфа, градоначалникот ИЛИЈА ЈОВАНОСКИ.

    Освен за СРЦ, неизвесна останува и ветуваната изградба на новиот театар, иако и премиерот Заев уште во декември, минатата година се пофали дека на општина Прилеп, на посебна, наменска сметка веќе и биле префрлени 4,5 милиони денари за изработка на главниот проект за театарот чија изградба требало да започне годинава. Но, според градоначалникот Јованоски, сега и тука има проблем.

  „Не можело парите да се префрлат на Општината, туку парите ќе се префрлат на Театарот..на Домот на културата „Марко Цепенков“ и идејниот прокет што го има општината ќе му го даде на „Марко Цепенков“. И сега треба, наредниот месец да направи Театарот, односно Домот на културата, Основен проект за Театарот“, објаснува градоначалникот Јованоски.

   Во исто време, на стенд-бај ќе остане и реконструкцијата на Старата прилепска чаршија, вели градоначалникот Јованоски, додавајќи дека тоа се должело пред се на сензитивноста на овој проект, а условена од барањата и потребите на дуќанџиите, кои и без тоа мака мачат да ги одржат своите бизниси заради пандемијата. За реконструкцијата на Старата чаршија од општинскиот Буџет беа издвоени 50 милиони денари, кои сега, најверојатно, со ребаланс, ќе бидат пренаменети.         

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста