Доцни исплатата за помош од 6000 денари

Роковите се пробиени, пари нема. Граѓаните се уште не можат да проверат дали се наоѓаат на списокот на добитници на еднократна парична помош од државата од 6 илјади денари. „Листите со корисници се ажурираат и истите ќе бидат достапни наскоро“ – оваа објава со денови стои на интернет страницата „Купувам домашно“. Луѓето со недоволни приходи веќе една недела се обидуваат да добијат информации за тоа кога конечната листа ќе биде објавена за да проверат дали нивното име стои на неа. Од институциите без конкретни рокови. Се чека конечните листи да ги достават надлежните министерства. Во вторникот УЈП извести дека веројатно списокот ќе биде прикачен до крајот на неделава.

Од македонската банкарска асоцијација, пак, велат дека ја завршиле обврската да потпишат договори со Владата и дека се подготвени да почнат со исплата веднаш откако ќе ги обработат податоците и парите легнат на сметките.

„Во моментов, исплатата се уште не е започната, и ќе следуваат официјални најави штом сите услови се исполнети. Дотогаш, ги повикуваме граѓаните – корисници на оваа мерка, поради заштита на јавното здравје, да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите на банките“ – велат од Македонската банкарска асоцијација.

Новина е што граѓаните ќе можат да ги користат парите и по 25-ти декември. Овој рок  Владата претходно го утврди како последен датум за трошење на средствата, но се предомисли по огромниот притисок од јавноста поради доцнењето на мерката.

Парите треба да легнат на постоечките трансакциски сметки на граѓаните. Нови наменски сметки банките треба да отворат за луѓето чии сметки се блокирани. Ќе се плаќа само со платежна картичка. Не е дозволено парите да се подигнуваат и да се плаќа во кеш.

6 илјади денари треба да добијат пензионерите со месечни примања до 15 илјади денари, пасивните баратели на работа, млади од 16 до 29 години кои беа изоставени со претходната мерка, самохрани родители, деца без родители, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, естрадни уметници, филмски работници. за помош на 285 илјади луѓе од буџџетот ќе се одвојат 27 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста