Доцни четвртиот пакет антикризни мерки

Доцни четвртиот пакет антикризни мерки. Бизнисмените и по неколку месеци не знаат колку пари и каква помош ќе добијат за да можат да застанат на нозе. Прво се чекаше да поминат изборите, па да се состави собранието, па да се формира новата влада. Премиерот и министрите најавија дека 4-тиот сет мерки ќе се знае до крајот на неделава, па дека ќе биде презентиран следната седмица. Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска се сретна со бизнисмени од Стопанската комора на Македонија, но се уште не прецизираше детали околу пакетот.

И додека компаниите очајно чекаат на владина помош, молк од најголемата Стопанска комора во земјава која обединува најголем број на фирми. Претседателот на комората Бранко Азески не ги удостои со изјава новинарите ниту пред, ниту по состанокот.

Инаку на состанокот на бизнисмените со министерот за финансии, од кој медиумите не можеа да обезбедат технички соодветна видео снимка која ги исполнува критериумите за телевизиско емитување, стопанствениците побараа намалување на парафискалните давачки, пониски царински стапки, воведување даночен календар. Од Бесими добија ветување дека државата ќе обезбеди 10 милиони евра во вид на гаранции за дадените кредити на домашните компании.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста