Дочек на 2021 во Скопје – тивко и мирно, и за момент како да не е Нова Година

Без спектакуларен огномет, тивко и мирно, и за момент како да не е Нова Година. Вака македонската метропола ја дочека Новата 2021 година.

Среќна Нова 2021 година, вака на неколку минути после полноќ, присутните граѓани на Плоштадот Македонија си посакаа да имаат убава година, се со единствена желба – крај на пандемијата.

Да не е новогодишниот декор ништо нема да потсетува дека ја испративме старата и тешка 2020 година.

Плоштадот Македонија беше полупразен, луѓе се шетаа како да е една обична зимска ноќ. Освен полицијата, присутни беа и телевизиските екипи кои после полноќ заедно си ја честитаа Новата година.

А граѓаноте кои за момент ги вратија насмеаните лица, очекуваат многу здравје и да се заборави годината што измина.

  • Посакувам се најдобро, пред се многу здравје и спас од Коронакризата. Да стаса вакцината и да се спасиме од ова лудило. Посакувам да имаме здравје сите, да ја заборавиме 2020 и Новата 2021 да ни биде исполнета само со убави нешта, си посакаа граѓаните.

Прослава немаше никаде, ниту по плоштадите, ниту во рестораните, дискотеките, кафулињата, откако сите објекти затворија во 18 часот. И на само неколку минути по дочекот на новата Година, улиците во главниот град останаа празни .

Слично беше и на Улица Македонија, каде до лани немаше место ниту игла да се фрли. Годинава се сосема поинаку, затворени локали, и празна улица. Ги нема традиционалните гужви, но затоа ги има само птиците кои со својот џагор го означија стартот на Новата Година.

А мирно беше и околу зградите во ценатрот на Скопје. Барем овде, немаше журки и прослави. На почетокот од Новата 2021-та година, желбите кај сите луѓе се речиси исти – здравје, среќа и крај на пандемијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста