До кога ќе остане не се знае: СДСМ на неопределено време му ги блокираше оставките на Заев

Ќе почекаме за повлекувањето на Зоран Заев. Со силен аплауз и скандирање на името на партискиот лидер, СДСМ ги одложи оставките на својот шеф.

-Централниот одбор донесе сугестија за одложување на оставките, изјави Заев.

Ваквата одлука доаѓа само 10 дена откако премиерот најави повлекување од позицијата премиер и партиски шеф на Бихачка, по дебаклот кој го доживеа СДСМ на локалните изборите.

-Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ, велеше Заев.

Иако ветени, кога оставките на Заев ќе станат реалност останува нејасно. Бидејќи Централниот одбор на партијата донел одлука, повлекувањето на премиерот и лидер на СДСМ од функциите да биде одложено на неопределено време, додека не се сределе состојбите во државата.

-Му препорача и едногласно донесе одлука, претседателот и премиерот да ја одложи оставката на неодредено време, додека овие процеси не се нормализираат и да работи на тој план. Не треба да потенцирам дека државата после многу години режим, продолжува и се гради на европските вредности, на вистинските демократски и слободарски вредности, ова е слободна земја, изјави Костадинов.

Иако претседавачот со Централниот одбор на партијата, Перо Костадинов, вели на седницата била донесена одлука за оставките, Заев вели не било така. Сега останувал уште некое време за да го зачувал парламентарното мнозинство.

-Ниту се дискутираат, ниту се одлучува по моите оставки. Од единствена причина кога ги најавив на 31-ви вечерта потврдив дека останувам овде, за да помогнам да се одржи парламентарното мнозинство и ако може да се појача да се зголеми, изјави Заев.

Ваквата одлука на Заев и партијата доаѓа на само два дена пред изгласувањето доверба на Владата предводена токму од лидерот на СДСМ.

Матеја Петровски