До каде е истрагата за Рекет? Рускоска не повикала нови за исказ

Нема да има распит на други лица поврзани со аферата Рекет – открива за Алфа обвинителката од организиран криминал Вилма Рускоска. Прашана дали денеска или во текот на оваа недела, во ова Обвинителство ќе се сослушуваат нови сведоци, Рускоска само кусо ни одговори дека таква најава нема.

Шест месеци откако Обвинителството за организиран криминал и корупција дозна за аферата Рекет, истрагата како да тапка во место. До сега само тројца завршија зад решетки – во притвор се Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец, но и специјалната обвинителка Катица Јанева. Нивните гласови јасно се слушнаа во снимениот материјал кој одекна во италијанските и светските медиуми. На распит во обвинителството беа уште петмина – по два пати исказ дадоа бизнисмените Јордан Камчев и Силјан Мицевски, како и Жарко Лукоски еднаш пред Рускоска беше и струшкиот бизнисмен Ардијан Амзоски, а сослушани беа и двајца високи функционери на СДСМ– Фросина Ременски и Александар Кирацовски, но и водителката Лила Стојановска, блиска другарка на Боки 13. Ниту еден претставник на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски не седна во Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Медиумите со месеци на големо пишуваа дека во скандалот за изнуда на милионски суми од стопанственици, која ја вршеле Јовановски и Милески, наводно инволвирани биле и политичари. До сега на распит но во улога на сведоци беа Ременски и Кирацовски.

Како за споредба, обвинителката Рускоска пред две години, за само четири месеци ја комплетираше истрагата за 27 април, и напиша обвинение против 30 сетмина. За Случајот Рекет, пак, оваа обвинителство знае уште од април годинава.

Биљана Божиновска