До европските дестинации од денеска повторно преку скопскиот и охридскиот аеродром

Полетаа и слетаа првите авиони на скопскиот аеродром.Прв пат, по три ипол месеци полн со патници. Уште на влезот беа пречекани со информации за строгите протоколи за патување. Патниците влезот не може да го поминат без маска на лицето. Прво ги дезинфицираат рацете, па поминуваат кај термална камера која ја мери телесната температура.

Стокхолм, Келн и Бремен денеска беа првите дестинации кон кои веќе полетаа првите авиони од скопскиот аеродром. Првиот пак што пристигна, тој од Истанбул беше пречекан со т.н. воден мост во форма на виножито.

Некои патници заглавени со месеци во земјава, одат во земјите каде што живеат, други пак заглавени во европските земји, едвај дочекаа да се отворат аеродромите во земјава за да стигнат дома.

И патниците кои пристигнаа на скопскиот аеродром беа детално контролирани со термални камери од страна на стручни здравствени екипи.

На првиот ден од реотворањето на Меѓународниот Аеродром Скопје се очекуваат 28 лета, со вкупно 1.700 патници. До нашата редакција се пожалија патници кои тврдат дека отворањето на аеродромот донесе хаос, имало и откажани летови, било метеж.

После речиси четири месеци денеска и на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ слета првиот авион, со што и официјално почнува главната летна туристичка сезона на охридско-струшкото крајбрежје. Првите патници во Охрид пристигнаа од Цирих.

 

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста