До 5-ти март ќе се знае дали исклучените од парно ќе плаќаат паушал

До 5-ти март ќе се знае дали исклучените од парно греење ќе плаќаат паушал на месечно ниво. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вели дека до крајот на неделава ќе ја добијат анализата од МАНУ за влијанието на исклучените врз системот за греење во Скопје, а веднаш потоа ќе организираат состанок со претставниците на „Но пасаран“ и БЕГ. Студијата на МАНУ ќе биде појдовна основа за изработка на новите правила за снабдување со топлинска енергија.

„Со сите заинтересирани се договоривме дека треба да изнајдеме правично решение со кое ќе им помогнеме на потрошувачите кои биле исклучени пред јули 2012 година во услови кога со постоечките правила за снабдување со топлинска енергија кои важеле од 2007 до 2009 година тие не знаеле дека ќе треба да плаќаат еден ден доколку се исклучат од системот за греење во Скопје. При носењето на новите правила овој факт ќе го имаме во предвид“ – рече Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Најдоцна за 10 дена ќе се избере и универзалниот снабдувач со струја, компанија што ќе ги услужува домаќинствата кои нема да излеат на слободниот пазар на електрична енергија – велат од Регулаторна. Во игра се две компании „ЕВН Снабдување“ и „ЕЛЕМ Трејд“, а милионскиот бизнис ќе го добие онаа што ќе понуди најмала маржа на електронското негативно поддавање. Избраната компанија ќе почне со работа два до три месеци по аукцијата, време потребно за добивање на сите неопходни дозволи. Бислимовски уверува дека нема да има промени во цената на струјата и дека домаќинствата ќе немаат никакви обврски.

„Согласно Законот за енергетика и двете компании што се заинтересирани да станат универзален снабдувач ќе треба да формираат посебна компанија со цел да ги одвоиме регулираната од нерегулираната дејност. На таа компанија РКЕ ќе и издаде лиценца за снабдување со електрична енергија со обврски кои се однесуваат на универзалниот снабдувач. Тоа го правиме со цел да нема прелевања на финансиски средства од нерегулиран на регулиран пазар и малите потрошувачи кои останале на регулираниот пазар да не ги покриваат загубите кои евентуално снабдувачите би ги направиле на слободниот пазар на електрична енергија. Се потврдува дека нема да има никаков прекин во снабдувањето и никаква промена во цената на електричната енергија за домаќинствата во процесот на профункционирање на универзалниот снабдувач, а дополнително АД ЕЛЕМ има законска обврска да ги снабдува и да обезбеди најмалку 80 отсто од потребите на потрошувачите“ – рече Бислимовски.

И покрај тоа што од стартот на годинава се либерализираше пазарот на струја за домаќинствата, тие се уште ги немаат почувствувано придобивките. Компаниите со лиценца за снабдување се уште не почнале да им даваат понуди на граѓаните. Од регулаторната комисија сметаат дека поради високата цена на струјата на регионалниот пазар кај нив се уште нема интерес за снабдување на домаќинствата. Засега само компаниите имаат до 30% пониски трошоци за струја по излезот на слободниот пазар.

Тања Попова