До 2030 ЕУ ќе ги намали емисиите на ЦО2 од возилата за 35 отсто

По маратонски состанок од 13 часа, министрите за екологија и животна средина на земјите членки на ЕУ доцна синоќа постигнаа договор за намалување на штетните емисии на јаглесрод диоксид (ЦО2) од возилата за 35 отсто до 2030 година.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, постигнатиот компромис е под нивото што го бараше Европскиот Парламент од 40 отсто, како и под тоа барањата на повеќе земји членки, како Франција и Холандија.

Германија и неколку земји членки од Источна Европа се противеа на високата стапка од 40 отсто и покрај предупредувањата на Обединетите Нации и климатските експерти за итноста од потребата за намалување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.

Германија под притисок на својата моќна автомобилна индустрија успеа да го разводни компромисот.

Транспортниот сектор во ЕУ е еден од најчувствителните и единствен сектор во Европа каде штетните емисии на ЦО2 растат, наместо да се намалуваат.