Дивоградбите остануваат симбол на самоволието на граѓаните и назаинтересираноста на надлежните

Додека светот се бореше со пандемијата на корона вирусот, Македонија се обидуваше да ги реши и дивоградбите. Уривањето на нелегално изградениот објект пред Мавровка стана „настан на годината“. А не се случи чудо, или можеби и да, затоа што во Македонија, локалните власти ретко прибегнуваат кон вакви решенија.  

Полиција, оружје, багери, публика, не е филмска сцена, вака започна уривањето на дивоградбата пред Мавровка.  После повеќе од 2 месеца криенка, на денот кога започна  уривањето се појави инвеститорот Мевљудин Алити, кој сам кажа дека е и сопственик на дивоизградениот објект. За Алити, објектот, сега веќе срамнет со земја, и покрај се – остана да  биде легален.  Амбициозниот градител тврдеше дека и Чаирскиот градоначалник, и полицијата,  знаеле дека тој гради,  и дека  никогаш не бегал, ниту пак се криел

  • Значи се знаеја. Градоначалникот изјави дека се е во ред. Алфа телевизија го имаше тоа објавено, го кажаа уште првиот ден кога дојдоа. Не се точни информациите дека не сум бил достапен за полицијата. можете слободно да ги прашате дека првиот ден кога дојдоа јас бев тука и ги дадов документите за објектот од финансиски криминал. Само за комуналии и такси на Градот сум платил над 4.7 милиони денари за легализацијата. Објавив вчера во 11 часот и 30 минути на медиумите да дојдат пред мојот објект, овие од 10 часот почнаа да го уриваат. Нека урива државата како што научена, секогаш. Да ми ги остави вработените без леб, фамилијата без леб. Тоа е тоа. Кој има право ќе добие. Ако треба и до Стразбур ќе одам, да знаете.. вели Мевљдин Алити – сопственик и инвеститор на просторот пред ТЦ Мавровка 02.09.2020.

Алфа која го отвори случајот за дивоградбата пред Мавровка, уште првиот ден кога излезе на терен и разговараше со сопственикот истовремено и инвеститор, јавно ги објави неговите иницијали. Само за надлежите тој остана непознат до самиот крај.

Сценариото на надлежните по ова прашање два месеца личеше на јужноамериканска серија J. Редовно се прогласуваа за ненадлежни, и во секунда   ги демантираа изјавите на мистериозниот инвеститор. Дека нешто дефинитивно не е во ред со градбата кај Мавровка, прв проговоре скопскиот градоначалник Шилегов, кој откри дека за мистериозниот објект, газда Алити не ги платил комуналиите.

Од друга страна пак, општина Чаир во тој период го бараше сопственикот преку весници за тој самиот да ја урне дивоградбата, но не го пронајде. Потоа, дури на три тендери Општината  бараше јунак кој ќе ја урне дивоградбата и нудеше дури два милиони денари , ама и тоа не успеа. Инвеститорот го бараше и МВР, бидејќи, како што велеа од Чаир, можно било, инвеститорот и сопственикот да не е иста личност. Се бараа и докази ама и од ова барање резултат јавноста не виде.

Надлежните два месеца се повикуваа да го решат проблемот, си ја префрлаа топката,  за на крај, како во филм со „хепи енд“, се  вмеша Владата и собра поени – донесе решение за рушење на бесправно изградениот објект пред ТЦ Мавровка. Уривањето го направи поранешна  Македонија пат а за тоа требаше да си наплати од општина Чаир.

Но тука се запре.. Како што се срамни со земја објектот кај Мавровка, така требаше да се решат уште неколку клучни нелегални објекти за кои медиумите со месеци пишуваа, како на пример,платформите на Матка. Тие молчешкум се појавија  и си продолжуваат да функционираат.

Од друга страна пак, од скопските општини кои се огласија по прашањето на Алфа, по колку дивоградби имаат на своја територија , првото место го зезема Ѓорче Петров, дури 12 илјади согласно податоците до 2018 година. Кисела вода има околу 4500 до истиот период, а Центар заклучно со 2020 има 100 објкети кои не поседуваат соодветна документација за нивна изградба. На територијата на општина Карпош, пак, согласно добиените барања за легализација на бесправно изградени објекти, само во текот на 2011 година се пристигнати повеќе од 9 илјади барања. Голем дел од барањата, велат од општина Карпош, се повторуваат и во други години.

 На територијата на Општина Шуто Оризари има   3400  бесправно изградени објекти  за кои тече процедура за легализирање информираат од општината. Општина Сопиште пак регистрирала само неколку диви градби.

Освен во главниот град 2020-та година ја одбележаа и дивоградбите во Охрид. Се градеше и на големо и на диво, а имаше и само неуспешните обиди за рушење. Општина Охрид нема ниту стратегија ниту јасно и прецизно изготвен план за справување со дивоградбите.

Остана отворено и прашањето на граѓанските активисти дали ќе бидат  доволни проближно 100-те илјади евра кои Владата и го додели на општина Охрид во ноември годинава, за имплементација на препораките на Унеско.

Дојдовме и до 2021 година.. да ли ќе ја одбележат дивоградбите или нивното елиминирање зависи од тие што ги плаќаме да ни го обезбедат квалитетот на животот..

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста