Директорката на Кумановската болница за Алфа: Нема да примаме повеќе позитивни пациенти, болницата е преполна

Преполни болнички соби, но малку кадар – со вакви проблеми се соочуваат речиси сите болници во Македонија во кои се лечат ковид позитивните пациенти. Од општата болница во Куманово се жалат, велат се бара кревет плус за лекување, а дури два тима од оние што ги лечат заболените биле позитивни на вирусот. Директорката на болницата за Алфа вели оти повеќе нема да примаат нови болни, а оние што ќе побараат лекарска помош ќе биле препратени во Скопје.

„Дури и во една соба место два моравме да ставиме три кревети, имаме вкупно 19 пациенти, а капацитет за 18. Сакавме да отвориме уште еден оддел, но излезе проблем со персонал, не е приучен персонал, ова си има свои специфики. Јас веќе на инфективниот оддел имам пет позитивни сестри. Тоа не е една, туку две смени исфрлате од работа“, вели директорката на кумановската болница, доктор Снежана Захариева.

Критична е состојбата и во ГОБ 8 Септември. Таму над 80 пациенти се на кислородна поддршка, што е прв ваков случај откако е отворена болницата. Во оваа болница се носат и најтешките случаи. Во моментов во старата воена болница се лекуваат 120 пациенти. Напливот на болни бил причина да се отворат уште три нови оддели, но недостига кадар. Докторите се жалат оти работат под стрес, со намален капацитет и оти се преморени.

Инфективната болница е полна, а наскоро таму ќе почне со работа и монтажната болница. Експертите алармираат оти во земјава нема доволно стручен кадар за да ги лечи сите новозаболени пациенти.

„И да е намалена вирулентноста, бројот на нови случаи е толку голем што го оптеретува здравствениот систем“, вели микробиологот Никола Пановски.

Во штипската болница засега се хоспитализирани 19 пациенти – еден од нив бил со потешки симптоми на болеста. Уште двајца ги чекале резултатите за ковид 19. Од болницата за Алфа велат оти на располагање имале вкупно 35 кревети, но доколку има потреба ќе го отвореле и невролошкото одделение. И болницата во Битола е преполна со болни. Таму се лекуваат 27 пациенти.

Во меѓувреме, расте бројот на заразени медицински лица. Само во ГОБ 8 Септември, 20 здравствени работници се позитивни на вирусот и уште десет се во самоизолација. Меѓу нив и анестезиолози, струка која е најпотребна за пациентите на респиратор.

Од почетокот на пандемијата во земјава 338 здравствени работници беа позитивни на вирусот. Во моментов близу 90 медицински лица се лекуваат од ковид 19.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста