Дипломатија за партиски наместо државни цели -експертите ги критикуваат последните одлуки на власта

Теута Арифи на мисија во ЕУ, директорот на АНБ Димовски во Париз, Методија Белевски во Брисел, Зоран Попов во Вашингтон – власта ги скрои амбасадорските места. Одлуката за пополнување на испразнетите дипломатски места падна вчера на владина седница, но за нив од владата и ресорното министерство има молк. Експертите критикуваат за политизирана и неконзинстентна дипломатија. Новиот пакет амбасадори е типичен договор помеѓу СДСМ и ДУИ за позиционирање кадри на места каде може да влијаат според нивните политики – реагира поранешниот дипломат Ѓеорѓи Мисајловски.

Како и другите испраќања, ова е типичен договор помеѓу СДСМ, И ДУИ за позиционирање на нивни кадри, на места од каде може да се врши соодветно влијание. Ништо професионално, тоа е политички договор, не е прв пат. Не се битни личностите во ситуација кога Македонија нема конзистентна надворешна политика. Така што ни овој пат не можам да очекувам ништо подобро или полошо од останатите, но направија грешки – вели Ѓеорѓи Мисајловски.

Дека Методија Белевски си го заслужил местото во Брисел, се согласува и Мисајловски – посебно ако се земе предвид дека го надгледувал работењето на историската комисија. Претходно, високи дипломатски извори во МНР, за Алфа открија дека токму Белевски вршел политички притисоци врз одлуките на македонско – бугарската комисија за историја.

Во оваа група има и луѓе кои ги заслужиле своите места. Кога се однесува на Белевски, има врска со неговата супервајзорска улога во работењето на историската комисија, и ова е еден вид на заслуа, со одењето на тоа дипломатско место – вели Мисајловски.

Претходно се шпекулираше дека поранешната градоначалничка Арифи, имала обиди и да се смести на амбасадорското место во Вашингтон, но и таа наводно не го добила агреманот, како што беше случајот со Фрчковски, кој по неколку обиди најде место во Обединетите нации. Информациите за поставувањето амбасадори во места, многу важни за македонската дипломатија, иако предизвикаа низа реакции, не се официјално потврдени ниту од МНР ниту од Владата. Претседателот Пендаровски кој би требало да го потпише агреманот, вели дека предлозите се уште не биле стигнати до неговиот Кабинет. Став побаравме и од директорот на АНБ Виктор Димовски, и Теута Арифи, но не одговорија на прашањата на Алфа.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста