Дипломатија на пауза – Македонија останува без конзулати во Турција, Австрија и Азербејџан

Македонија ги затвора почесните конзулати во Австрија, Турција и Азербејџан. Според одлуката објавена во службен весник на 21 јуни, Министерството донело одлука да се затворат три почесни конзулати во Инсбрук, Еисенштад и Санкт Пелтен во Република Австрија, потоа два во Турција – во Коџаели и Измир , како и почесниот конзулат во Азербејџан со седиште во Баку. На сајтот на македонското МНР нема никаква објава поврзана со ваквата одлука ниту пак е издадено некакво соопштение за причините поради кои е донесена решението да останеме без наведените почесни конзуларни претставништва. Ги прашавме директно врз основа на што е одлучено вака, но и зошто Македонија повеќе од три години од кога СДСМ дојде на власт се уште нема амбасади во клучни европски и светски дестинации, ама досега нема никаков одговор.

И додека власта во интензивна дипломатска офанзива бара поддршка за интеграциите од сите земји членки на Унијата, во моментов нема ниту свои претставници во истите.

По шпекулациите и негативните реакции од јавноста дека некогашниот шеф на дипломатијата Љубомир Фрчкоски се подготвува да замине во Вашингтон, местото таму се уште е празно, откако речиси пред три години, откако оттаму се врати некогашниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски. И во европските метрополи како Брисел и Москва,  местата остануваат празни, но нема амбасадори и во Белград и во Софија.

Македонија веќе неколку години од доаѓањето на СДСМ на власт нема амбасадор во Обединетите нации, откако оттаму се врати дипломатот од МНР, Васко Андоновски.

Сепак неизвесно е што ќе се случува со наш претставник во Русија откако Македонија одлучи да протера руски дипломат од земјава, а како одговор на тоа идентично одговорија и од руската страна.

Шпекулациите кои кружат во јавноста говорат дека причината за немањето на амбасадори на сите овие позиции, лежи во спротивставените ставови на владиниот двоец СДСМ-ДУИ. Власта сепак вината ја префрла во собраниската Комисија за надворешни работи, како еден од филтрите кои треба да бидат поминати до конечната одлука.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements