Димковски: Брашно за сега има, но ако е потребно ќе увеземе од Србија

Цела прехранбена индустрија е на стаклени нозе и е мобилизирана, но барем за сега храна има доволно и простор за паника нема, смирува министерот за земјоделство. Во моментов, вели, државата имала доволно залихи и на пченица и брашно, и немало потреба од увоз, иако претходно македонските власти тоа го побарале од Србија. За колкави количини се работи и зошто е побаран интервентен увоз, за сега не се знае.

– Има доволно пченица во стоковите резрви и во млиновите. Границите за проток на стоки и трговија не се затворени. Нема потреба од паника, пазарот се снабдува во континуитет, рече денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Според него, ако се процени дека има потреба, можно е да се воведат и интервентни мерки. Во меѓу време, Владата на Србија официјално дозволи извоз на брашно во земјите од регионот, меѓу кои и во Македонија, објавуваат српските медиуми.

Забраната за извоз на пченица е до 30 април. Тоа е со цел да се спречи какво било нарушување на состојбите на пазарот на земјата и да се обезбедат доволни количини на брашно. За сега, транспортот на стоки помеѓу државите ќе се одвива со почитување на протоколите за заштита. Затворени остануваат и сточните пазари и се бара решение и за откупот на јагниња.

Паралелно, парични и затворски казни следуваат за сите трговци што ќе ги покачат цените на производите во маркетите. Инспекторите се во обиколка на продавниците, магацините и складиштата. Властите ги предупредуваат газдите да не помислуваат да ги качат цените и да заработат на грбот на граѓаните.

– Свесни сме за големата паника која се предизвика кај граѓаните, па тие купуваат масовно и нерационално. Наша цел е да им излеземе во пресрет на инспекторите и затоа ја отворивме бесплатната линија 191 на која ќе се пријавуваат сите оние кои работат на диво или ако забележат дека се зголемени цените во маркетите, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Казните за оние кои ќе ги зголемат цените се огромни и почнуваат од 5.000 евра, додека Кривичниот законик предвидува и до 1 година затвор за прекршителите.

Инаку, деновиве можеа да се забележат покачување на цените на овошјето и зеленчукот во некои маркети, за што инспекцијата веќе ги чешла дуќаните.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста