Димитров: Заедничката бугарско-македонска комисија може и да не проработи повторно

Песимистички пораки од Софија за работата на бугарско – македонската историска комисија. Според шефот на бугарскиот тим од заедничката комисија за историја Ангел Димитров нејзината работа е претворена во домашен политички проблем за Македонците.
“Работата на комитетот беше еднострано прекината со аргументот дека треба да се усогласат со претстојните предвремени избори, кои се за 4 месеци. Тие едноставно одбиваат да се запознаат повеќе и да разговараат. Останува прашањето дали комисијата ќе ја продолжи работата во мај. Овој аргумент ми е исто така изненадувачки, затоа што колегите секогаш велеа дека работат без политички притисок, дека сè околу нив е мирно” – изјави предводникот на бугарската комисија во рамките на мешовитиот комитет.
Шефот на македонскиот тим во заедничката комисија Драги Ѓоргиев не ги прочитал најновите пораки од Димитров и затоа не сака ниту да ги коментира.
“Не сум во Македонија, и не знам што кажал колегата Димитров, затоа не можам да коментирам” – пишува во одговорот на Ѓоргиев на прашањето од Алфа.
За досегашната работа на комисијата професорот Димитров вели дека се што е досега договорено е незначително. И понатаму останува на ставот за личноста на Гоце Делчев како Бугарин, потенцирајќи дека историската вистина е важна за Бугарија. Шефот на бугарската комисија продолжува со провокациите констатирајќи дека современиот македонски јазик настанал како комбинација од две-три месни наречја со позајмени букви од српската азбука.
Ања Василева