Димитров признава: Сите амбасадори не се негов избор, оние со двојно државјанство ќе си останат дома

МНР подготвува нов закон но ќе го почитува стариот и ќе испраќа амбасадори според актуелните правила. Високи дипломатски извори потврдуваат дека сите кандидати за кои во јавноста се појави информација дека имаат двојно државјанство ќе мора да се одлучат, или ќе се откажат од странското или ќе си останат дома. Заедно со тоа ќе мора да покажат и доказ за неосудуваност како и потврда за добиен безбедносен сертификат.

Од МНР меѓутоа немаат одговор за конкретните скандалозни решенија, како оџата од Дебар или дипломатката која била дел од Комисијата за бркање на колегите учесници во настаните од 27 април. Објаснуваат дека во оваа фаза не сакаат да зборуваат за имиња туку само за принципи и закони. Од друга страна министерот Димитров се пофали дека успеал да го спроведе на дело планот за зголемување на процентот на амбасадори дипломати од кариера, иако меѓу редови признава дека за политичките решенија, од кои дел се и скандалозните, не можел ништо да направи.

Димитров не крие дека сака да го протурка новиот закон за МНР во најкраток можен рок, што според изворите на Алфа, заедно со предложените амбасадорски решенија ќе ја стави македонската дипломатија под целосна контрола на СДСМ и ДУИ. Во овој закон постои и решение дека секоја нова Влада, доколку има согласност со претседателот, би можела да ги враќа предвреме од странство политички избраните амбасадори, што ја прави нашата дипломатија многу ранлива особено поради фактот дека токму политичките најчесто се испраќаат во најважните земји.

Димитров апелираше и опозицијата да го прифати новиот закон за Јавно обвинителство што ќе помогнело за отворање на преговорите со ЕУ бидејќи тоа за Холандија било од клучно значење. Сепак, во МНР немаат одговор како ќе го одоброволат клучниот играч Франција, туку само порачуваат дека во следната година се надеваат дека конечно ќе го добиеме датумот за преговори.

Драган Милосављевиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста