Димитров контра Заев – октомври сепак не е сигурен термин за датум

Министерот за надворешни работи контра премиерот – Заев минатата недела тврдеше дека земјава во октомври сигурно ќе добие датум за старт на преговорите со Европската Унија, оти како што рече, одложувањето на одлуката на Самитот во јуни, било само техничко. Димитров пак денеска со друга реторика – ако Европскиот совет во октомври уште еднаш кажел „не“, првиот дипломат не ќе имал лице да ги убедува граѓаните за европските перспективи на земјата.

„Ја добивме 10-та препорака за почеток на преговори, ако треба да ја очекуваме и 11-та препорака од ЕК следната година, нема да имам лице да зборувам пред мојот народ за европските перспективи на земјата. Ако не ги започнеме пристапните преговори оваа година, тоа за мене значи дека не постои европска перспектива, по сето она што го постигнавме за две години“, рече Никола Димитров во Стокхолм.

Амбасадорите од Вишеградската група, пак на Владата и порачаа оти законите не се носат за да стојат на хартија. Ако Македонија сака да продолжи по патот кон Европа реформите мора да се имплементираат, велат дипломатите од Чешка и Словачка. Најважно за нив е владеењето на правото, за кое изразија јасна забелешка.

„Не е доволно ако законите се само на хартија. Друга фаза е имплементацијата на законите и владеењето на правото. Имплементацијата на реформите мора да продолжи“, вели Мирослав Томан – амбасадор на Република Чешка.

„Ниту една земја членка во Советот на Европа не беше против отворање на преговорите. Одложувањето беше повеќе од технички причини. Се уште имате многу работа, но да се надеваме дека во октомври ќе има јасна одлука“, вели амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш.

Од друга страна, Унгарија останува силен поддржувач за евроинтегративниот процес на земјава. Тоа уште еднаш го потврди унгарскиот министер за надворешни работи кој е во официјална посета на Македонија.

„Веруваме дека проширувањето на ЕУ е во вистински интерес на самата Унија и затоа сметаме дека одлуката за одложување на почетокот на преговорите е голема загуба за ЕУ и во спротивност на интересите на Унгарија. Ние бараме итен почеток на пристапни преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ“ изјави Петер Сијарто, МНР на Унгарија.

Инаку, Европската Унија во моментов се соочува со внатрешна реконструкција и има други приоритети пред проширувањето. Новата констелација на европскиот Парламент во кој треба да седнат пратеници на екстремно десничарските партии, остава доза на сомнеж како тие би гласале на Советот во октомври. Од друга страна, се поизвесно е дека на предвремените парламентарни избори во Грција, кои се закажани за 7 јули, ќе победи партијата на Кирјакос Мицотакис – политичарот кој јасно порача дека ќе ги искористи сите механизми да ја блокира земјава на патот кон Европа.

Биљана Божиновска