Димитриевски негативен бара државата да си ги провери тестовите, Филипче вели можеби се излечил

Дали се точни резултатите од тестовите за коронавирус кои ги спроведува Министерството за здравство? Ова прашање се поставува откако градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски пред една недела на тестирање од Центарот за јавно здравје беше позитивен на Ковид 19, за сега на тестови направени во две приватни лаборатории да биде негативен на коронавирусот. Алфа контактираше со првиот човек на Куманово, кој вели државата треба да си ги провери тестовите, бидејќи е нејасно како нивните покажуваат едни резултати, а оние на приватните други. Иако Димитриевски смета дека никогаш не бил заразен, министерот за здравство Венко Филипче,  препоставува дека можеби се излекувал.

-Во конкретниот случај знаеме дека разликата меѓу двата теста била некаде 17-18 дена, со третиот тест уште дополнителни 10, што значи доволен период да еден пациент се негативизира, изјави Филипче.

Филипче одбегна да одговори на прашањето на Алфа, дали Димитриевски бил тестиран втор пат после 48 часа, од тестот кој се покажа како позитивен, а стави високи владини функционери во изолација.

Димитриевски иако првично најави дека писмено побарал укинување на решенијата за самоизолација, сега вели ќе останел дома и од таму ќе ја водел битката за својот град

Сакам да ве информирам и Вас и јавноста дека заедно со сопругата почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури направивме тестирање на Ковид 19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, воедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се НЕГАТИВНИ!, напиша Димитриевски на Фејсбук.

Покрај Димитриевски, и раководителот на регионалниот центар за управување со кризи, Горан Стојановски, кој е член на кумановскиот кризен штаб, тврди дека е негативен на Ковид 19. Од поодамна во јавноста постојат сомнежи дека Куманово е жртва на внатрепартиска битка во владејачката СДСМ, а тие станаа уште поголеми бидејќи Владата не ги прифаќа барањата на Општинскиот кризен штаб за карантин на градот. Откако тестот на Димитриевски стана негативен бура реакции има и на социјалните мрежи. Аналитичарот Александар Пандов се сомнева дека власта вака се справува со политичките непријатели.

Верувам и во најтоталитарните режими, не им текнало сега своите политички непријатели да ги елиминираат со тоа што човекот ќе го прогласат за ,,позитивен“ на корона и го пикаат две недели во домашен притвор, која тие ја нарекуваат самоизолација!, вели Пандов

За дворски игри обвинуваше и Димитриевски, но Филипче не сакаше да коментира. Градоначалникот на Куманово вели дека страшно е што се лажело од лица кои не смеат да го прават тоа во овие моменти, бидејќи одговараат за здравјето на сите граѓани. На Фејсбук реагираше и аналитичарот Ивор Мицковски, вели станува се поочигледно дека некој од властите опасно лажел и дека ова не покажува ништо добро ниту за состојбите во СДСМ а уште помалку за врвот на партијата.

Филипче инаку соопшти и дека биле најдени некакви пропусти во организацијата на состанокот на кој присуствуваа владини функционери, но повеќе детали не сакаше да открие.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста