Димитриеска: Во случајот „ТЕ ТО“ има индиции за криминал и злоупотреба на државни пари

Во случајот „ТЕ ТО“, за кој во јавноста се шпекулира оти преставува криминална спрега меѓу бизнисот, власта и судството, имало индиции за сторен криминал и злоупотреба на државни пари, тврди заменик министерката за финансии Димитриеска – Кочоска. Таа вели оти целата документација од Министерството ја дала во рацете на полицијата.

„Како се дозволува одлагање на наплата на данок за добивка за 9 години, ако знаеме дека наплатата на даноците застарува за 10 години, при што постои огромна опасност за негово застарување и реална наплата. Зошто Одлуката за доделување на државна помош не е објавена во Службен весник и покрај обврската согласно Деловникот за работа на Владата, и зошто се крие од очите на јавноста, кога со оваа одлука се одлучува за не прибирање на данок што во суштина подразбира располагање со парите на граѓаните“, вели Гордана Димитриеска Кочоска, заменик министер за финансии.

Акционери во Топлификација, вчера обвинија оти биле оштетени за 33 милиони евра со лажниот стечај на „ТЕ ТО“. Од институциите побараа итно да се повлече државната помош што електраната ја добила пред три месеци, а од Обвинителството да ги истражи наводите за перење пари кои ги иницирала финансиската полиција.

„Поднесовме кривична пријава уште во мај 2018. До овој момент седум пати се селеше од ОЈО во ОЈО за организиран криминал и назад“, вели Димитар Хаџи Мишев, директор во АД Топлификација.

Реагираа од „ТЕ ТО“ – велат дека тврдењата за наводно перење на пари биле невистинити, а пријавата од Топлификација била отфрлена од Обвинителството.

„Топлификација го обвинува „ТЕ-ТО“ за лажен стечај, а само пред една година истата таа Топлификација поднесе барање за стечај на „ТЕ-ТО“ со свој алтернативен план за реорганизација, потврдувајќи дека причините за стечај се објективни и дека постоеле услови за реорганизација. Наводот дека „ТЕ-ТО“ има добивка од 120 милиони евра во 2018 година е целосно манипулирање со јавноста, бидејќи се одмолчува фактот дека тоа е само пресметковна добивка заради отпис на обврските на „ТЕ-ТО“ потврдени во судска постапка“, пишува во демантот на „ТЕ ТО“.

Т.н. лажен стечај на „ТЕ ТО“, за кој алармираа акционерите во Топлификација, а со кој на компанијата и беа отпишани долгови во висина од над 150 милиони евра, сега е во рацете на Антикорупционерите, но и во одделот за финансиски криминал во МВР.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста