Димитриеска-Кочоска: Имаме огромна сива економија, време е да ја намалиме
Борбата со даночното затајување и сивата економија се на врвот на приоритетите за македонската Влада затоа што помалку „пари под рака“ значат повеќе пари во државната каса. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која учествува на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели во Парагвај, тоа што во Македонија сеуште има високо ниво на корупција и криминал иако сме членка на Глобалниот форум при Организацијата за економска соработка и развој уште од 2011, значи дека нешто се правело погрешно во минатото.
Приоритет на новата Влада е да се бори со корупцијата и криминалот бидејќи тоа е единствениот начин за зголемување на приходите во Буџетот. Имаме рамни и многу ниски даночни стапки и огромна сива економија, па врз основа на тоа одлучивме дека е време да се работи на намалување на сивата економија. Во таа насока, а со цел ефикасно собирање на приходите, потребно е да разменуваме информации и да ги користиме сите капацитети што ни се на располагање“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии
Целта на меѓународната дискусија во Парагвај е да се обезбеди размена на финансиски информации меѓу државите, односно да се има контрола врз сметките не само на државјани во една земја, туку и на тие кои не се. Размената на информации би вклучувала детали за финансиската сметка и детали за сопственикот на сметката, а за ова да може практично да се применува потребни се закони и административна подготовка. Ваквото законско решение, врз основ на кое ќе се води битката со даночното затајување и размената на информации со други земји, дома, во Македонија е во фаза на подготовка – информираат од Финансии.
Инаку според одредени истражувања, сивата економија во Македонија учествува со над 20 отсто во вкупната економија. Од министерството за финансии уште при преземање на мандатот најавија жестока борба со неа. Едно од оружјата е дигитализирање на плаќањето н даноците и следење на прометот во трговијата. Истовремено, се работи и на воведување интегриран даночен информациски систем, а се работи и на институционално вмрежување на клучнит финансиски институции: Министерството за финансии, Царина и УЈП.