Димитриеска – Кочоска: Граѓаните конечно ќе видат како и на што се трошат народните пари

Димитриеска – Кочоска: Граѓаните конечно ќе видат како и на што се трошат народните пари

Буџетот е развоен, а инвестициите треба да го покренат стопанството. Во рекордно најголемиот износ за капитални расходи од 813 милиони евра, има пари за Коридорите 8 и 10, модернизација на земјоделството, студентските домови, затворите, училиштата, складирање на отпад. Министерката за финансии Димитриеска- Кочоска вели дека во минатото пари се трошеле за трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друшва, аванси и гаранции, а не за реални проекти. Нејзината намера е оваа влада да изгради нешто што граѓаните ќе можат да го видат и да имаат  бенефит од ваквите инвестиции. Затоа ќе немало повеќе трансфери кон ЕСМ, за долгови на јавните претпријатија и други покривања на нерационалното работење.

„Она што бев многу шокирана изминативе денови беше тоа дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10, одобрени уште во 2021 година и се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада. Ова само покажува дека воопшто немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Многу било полесно овие 23 милијарди, 30 милијарди трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друштва, уништувања на тие друштва и денес креирање на дополнителни проблеми. Е тоа е тоа што ние денес го менуваме. Ваквата политика ни донесе стапка на раст таква каква што имавме во минатото, а ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции, наведе Димитриеска Кочоска“ – вели Гордана Димитриеска – Кочоска – министерка за финансии.

Со буџетот за догодина се предвидува зголемување на пензиите за 2500 денари месечно почнувајќи од март догодина. На пензискиот фонд ќе му требаат вкупно 2,1 милијарда евра. Повисоките пензии ќе значат потреба од дополнителни 280 милиони евра. За ставката плати ќе се потрошат близу една милијарда евра. Ќе има пари и за редовното усогласување на платите во администрацијата. Сумата за плати изнесува 780 милинои евра, но ќе има и дополнителни 32,5 милиони евра во блок дотации за зголемувањето на платите во образованието. Министерката посочи дека има простор и за пораст на минималецот, но се чека на договор со синдикатите. За социјални трансфери се предвидени над 8 милиони евра повеќе.

„Имаме 3,5 милијарди зголемување на ставката на плати, 2 милијарди зголемување во блок дотации, кои се за образование повеќе, во делот на Фондот за здравство зголемување од 5,2 милијарди денари, кои треба да ги обезбедат дополнително платите на здравствените работници и плус на тоа има бафер од 2 милијарди денари во функции на држава, средства коишто ќе можеме да ги спуштиме откако ќе знаеме што е постигнато и договорено на Социо-економскиот совет којшто го предводи министерот за економија“ – вели Гордана Димитриеска – Кочоска – министерка за финансии

Ставката стоки и услуги останува приближно иста, но ќе се крати за мебел и возила. Димитриеска – Кочоска посочи дека министрите имале големи апетити при кроењето на своите буџети, но таа не одобрила средства. Доколку биле вклучени сите барања рече дека буџетскиот дефицит би достигнал две милијарди евра, односно 13,5% наместо 4% од БДП. Наредната година во јануари доспева за враќање еврообврзница од 500 милиони евра, таа ќе се покрива со унгарски заем, а ќе има и задолжување од 600 милиони евра на домашниот пазар.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста