Димитриеска-Кочоска е разочарана од опструкциите во финансии, Ангеловска вели дека тоа е лажна вест

Министерството за финансии крие и извртува податоци, реагира техничката заменик министерка Гордана Димитриеска Кочоска, која уште на почеток е разочарана од опструкциите со кои што се соочува. Таа ја потврди информацијата дека на вработените им било забрането директно да одговараат на нејзините мејлови и барања за увид во документацијата. Секој одговор, вели, требало претходно да биде одобрен од кабинетот на Нина Ангеловска.

Како што посочи Димитриеска Кочоска, согласно членот 49 од Законот за влада, јасно е укажано кои се должностите на дополнителниот заменик министер, и оти тој има непречено право да ги гледа документите и извештаите што ги добива и министерката за финансии, и вработените се должни да ги доставуваат документите на барање на дополнителниот заменик министер, оценувајќи дека оваа Влада и натаму останува нетранспарентна.

– Вчера остварив контракт со минсистерката и таа во медиумите се произнесе дека постоеле одредени процедури во Министерството и ќе комуницираме врз основа на тие процедури. Процедурите се прават кога оди некоја информација од одобрил-изгтовил, не барам да добивам податоци за нешто што е во тек, туку готови информации, што не се во рамки на процедури, рече Димитриеска Кочоска.

Таа се сомнева дека мотивот за криење на податоците било ланското прибирање за близу 25% помалку пари од даноци во однос на планираното. Тој податок, според неа е индикатор дека економијата стагнира, а бизнис амбиентот е неповолен.

Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека било лажна вест оти има забрана за комуникација на вработените со дополнителната заменик министерка. Вели дека целта била политичко поентирање.

Ангеловска рече дека обидот, меил испратен од кабинет, кој содржи процедура за работа, да се претстави како завера, не е ништо повеќе од обид за политичко поентирање.

– Не се работи за никаква забрана, обидот за меил испратен од Кабинет во кој што се содржи процедура за работа и комуникација, се претстави од страна на одредени медиуми како завера за мене е повеќе политичко поентирање, изјави Ангеловска.

Претходно, дополнителната заменик министерка рече дека веројатно има причина зошто нешто се крие. Ја обвини власта за лошо буџетско планирање, поради што државата била приморана дополнително да ги задолжува граѓаните.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста