Димитриеска Кочоска: Ако Буџетот е во добра кондиција, зошто се задолжуваме?

Државата ни се задолжува, а ние немаме никаква соработка со министерката за финансии, се пожали незината заменичка. Гордана Димитриеска Кочоска рече дека Нина Ангеловска не се појавувала на работа со денови, и дека предметите чекале потпис подолго време. Заменичката рече дека не се согласува со последното задолжување кое тежи 8 милиони евра. Таа стравува дека парите ќе заминеле за непродуктивни цели, иако министерката рече дека тие биле наменети за капитални инвестиции.

Во врска изјавата на Ангелова, дека имаат професионална и коректна соработка со дополнителната заменик-министерка, Димитриеска Кочоска рече дека сите барања кои ги има упатено до министерката не се одговорени.

– За она што го кажа Ангелова, дека побарувачката за државните записи на 14 јануари била многу поголема отколку понудата, ќе посочам дека ова е жално да го каже министер за финансии од причина што кога банките имаат вишок на ликвидност – да, тие даваат поголема побарувачка, бидејќи немаат каде да ги пласираат парите, а зошто немаат каде да ги пласираат парите заради тоа што фирмите тонат. Да ги погледнеме податоците од Народна банка и да видиме какви реструктуирања прават во кредитите, тонат во проблеми со ликвидност, немаат никаков интерес за инвестирање од оваа хаотична бизнис-клима и токму заради тоа побарувачката на 14 јануари беше толку повисока во однос на понудата, констатираше дополнителната заменик-министерка за финансии.

Алфа ја праша и министерката Нина Ангеловска за соработката со нејзината заменичка, но и за последното задолжување на државата, на што таа одговори дека се било како што треба. Соработката ја оцени како професионална, коректна и на солидно ниво.

– Имаме соработка во однос на проток на информации. динамиката на наплата е добра, финансиите се стабилни, исто како и јавниот долг, рече Ангеловска.

Освен задолжувањето од 8 милиони евра, министерството за финансии предвидува уште едно на 28 јануари. Месецов, за враќање на стари долгови, пак, достасуваат 11,38 милиони евра. Во буџетот е предвидено вкупно задолжување на домашниот пазар од 200 милиони евра годинава.

Во меѓу време, заменичката министерка е и против ново задолжување со еврообврзница, откако министерката најави дека се разгледува таа опција.

И покрај тоа што Димитриеска Кочоска работи во иста зграда со Ангеловска, нова средба немало, а комуникацијата се одвивала отежнато.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста