ДИК ги официјализира резултатите од парламентарните избори и ги додели уверенијата на пратениците

ДИК ги официјализира резултатите од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15-ти јули. Првиот човек на комисијата рече дека изборите поминале добро и без некои поголеми неправилности.

– Првпат нашата држава, се соочи со организација на избори во специфични услови, во пандемија и за сите нас беше тоа предизвик. Првиот, вториот и третиот ден од изборите поминааа добро без забелешки, а тоа го констатирало и МВР. Од февруари наваму во еден петмесечен период ДИК беше во интензивни активности за припрема и организација на овие избори коишто завршија. Мислам дека јавноста ќе се сложи и со нас дека првиот ден помина одлично на гласањето, вториот ден исто така без забелешки иако имаше зголемен број на пријавени за гласање во домашни услови и третиот ден, исто така помина одлична во смисла на организација, спроведување, одвивање на гласањето, немаше никакви посериозни забелешки од страна и на граѓаните и на присутните коишто го набљудуваа процесот и она што се случи вечерта со објавувањето на резултатите, вие сте сведоци дека беше предмет на напад од надвор. Впрочем, тоа го кажа вчера и МВР. Кога ќе заврши истрагата таму и комплетно ќе бидете навремено известени, рече претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

Резултатите од изборите се официјални, мандатите конечни, народните избраници ги земаа решенијата за пратеници во идниот парламентарен состав. Претставниците на партиите се заблагодарија на нивните гласачи и си посакаа успешна работа.

Овластени лица од партии ги подигнаа решенијата за колегите од нивниот политички табор, претставници имаше од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Левица и ДПА не дојдоа, претставник имаше и од коалцијата на Гаши и Села меѓутоа не беше овластен да ги подигне решенијата.

Конститутивната седница на овој состав се очекува да биде на почетокот на август. Од 120 пратеници 79 се мажи, а 41 пратеници жени. Доколку се спореди со претходниот собраниски состав во кој имало 75 пратеници мажи и 45 пратеници жени, ќе се види дека во овој собраниски состав повеќе доминираат мажите.

И во овој формат на народни претставници има претеници со долг стаж , ,Мендух Тачи, Али Ахмети, Павле Трајанов, Антонио Милошоски, Радмила Шекеринска. ВМРО-ДПМНЕ има свежи имиња, сепак познати професори, експрети, политичари. СДСМ пак и овој пат оди проверени имиња.

За да целосно да се заокружи изборниот процес, по седницата на собранието почнуваат да течат уставните рокови од 10 плус 20 дена за договор за коалиции за предводење на извршната власт,која би можело да биде избрана во почетокот на септември. Дотогаш, се уште ќе биде во функција техничката влада, на чело со Оливер Спасовски, а веќе треба да се повлечат дополнителните заменик-министри во пет ресори и техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој денеска се повлече од министерстото столче и се враќа во агенцијата за разузнавање. А министерството ќе раководи заменик министерот Ахим Нухиу.

На овие избори со мало водство пред ВМРО-ДПМНЕ е Колацијата Можеме на Заев која освои 46 пратенички мандати. Партијата на Мицкоски освои 44, ДУИ 15, Коалцијата на Села и Гаши 12 и 2 пратеника освои Левица.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста