Дијалог помеѓу американски и кинески дипломати во пресрет на претседателските избори во САД

Дијалог помеѓу американски и кинески дипломати во пресрет на претседателските избори во САД

Во Тајван, вежбите со ракети со муниција како оваа, се еден начин на кој островот се спротивставува на честите упади на кинеските сили во неговиот воздушен простор и води.

И за да ги контролираат тензиите – било да се тие меѓу Пекинг и Тајван, или Пекинг и Манила во Јужното Кинеско Море – САД и Кина зборуваат повеќе.

И двете жешки точки очигледно предизвикуваат загриженост, нешто што американскиот државен секретар Ентони Блинкен го истакна оваа недела за време на стратешкиот дијалог меѓу САД и Велика Британија.

Разговаравме и за заедничките напори за обезбедување мир и стабилност преку Тајванскиот теснец и слободата на пловидба и прелети во Јужното Кинеско Море. За двете страни, одржувањето на мирот и стабилноста и зачувувањето на статус квото е од суштинско значење. Тоа е од суштинско значење не само за нас туку и за земјите ширум светот, рече Блинкен.

Во Вашингтон, Конгресот разгледува повеќе од дваесетина нацрт-закони насочени кон Кина пред претседателските избори во САД во ноември.

Еден неодамна донесен од Претставничкиот дом се обидува да ја одврати потенцијалната кинеска инвазија или блокада на Тајван, со наметнување на економски последици врз највисокото лидерство  на Кина.

Нашиот проблем лежи во кинеската влада, а не кај народот на Кина. Законот за одвраќање конфликти во Тајван, кој предвидува преку промоција да се објават корумпираните средства на највисокото лидерство на Кина, ќе ги принуди претставниците на Кинеската комунистичка партија да се соочат со гневот на сопствениот народ, рече Јанг Ким, претседателка на поткомитетот на Индо-пацификот.

Во Пекинг, кинеските власти остро го критикуваа Претставничкиот дом на САД за туркање на агресивни нацрт-мерки поврзани со Кина, ветувајќи дека ќе одговорат со силни контрамерки доколку тие бидат усвоени во закон.

И покрај овие тензии, двете држави работат на стабилизирање на ситуацијата.

Аналитичарите велат дека одржувањето отворени канали за воена комуникација е клучно за да се избегнат погрешни проценки.

Разговорите ги отстрануваат претпоставките од анализата за тоа зошто Кинезите го прават тоа што го прават и што можеме да очекуваме или да предвидиме во однос на идното однесување. И тоа го намалува просторот за погрешна пресметка или недоразбирање за намерите на акциите на секоја страна, вели Рајан Хас од институтот Брукингс.

За време на неговата посета на Кина кон крајот на минатиот месец, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, потврди дека американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара со кинескиот лидер Шји Џјинпинг во наредните недели.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста