Дигиталната неписменост причина за слабата заинтересираност за вакцинација на маргинализираните групи граѓани

Маргинализираните групи граѓани, пред се заради лошата финансиска состојба и заради дигиталната неписменост, се најбројната популација во земјава која ги нема ни основните сознанија околу имунизацијата од Ковид-19, покажуваат истражувањата на невладиниот сектор. Прилеп пак, иако еден од градовите со најмногу заразени и починати, дури пред една седмица, конечно доби Вакцинален пункт, а прилепчани се вакцинираа, а и се уште се вакцинираат во Битола и Кавадраци.
„Се вакцинирав двапати во Битола, ама ова одењево во Битола не е во ред, бидејќи имаме Пункт овде и одовде не вратија да одиме таму. А секој не може да појди, јас на пример можам, ама секој не може да појди таму. Јас мислам, дека во Прилеп, бидејќи Прилеп беше најмногу заразен, требаше одма Пунктот да се отвори, ама еве, властва не отвори“, – ни изјави еден повозрасен прилепчанец.
Со цел, да им се помогне на овие групи, а кои во Прилеп се многубројни, особено во руралните средини, Здружението за правна едукација и транспарентност, – Станица П.Е.Т., денеска организираше и Креативна акција под мотото „Информирај се, пријави се и вакцинирај се“.
„Посебно ќе ги опфатиме населените места каде што ваквата тематика и информираност е многу ниска, а тоа е населбата Тризла, каде што е сконцентрирано ромското населние и руралните места каде знаеме дека се соочуваат со немање на пристап до интернет или не можат и имаат ограничена можност за пријавување за вакцинација“ – вели Џенгис Бериша од Здружението Станица П.Е.Т.
Граѓаните пак, признаваат дека не се доволни едуцирани и дека ваквите акции им се добредојдени, особено за регистрирањето преку он-лајн системот.
„Им треба, им треба…сега, колку се информирани преку јавните средства – не знам, но треба да се информираат повеќе граѓаните за да биде успешна таа акција и да се вакцинира секој“, – објаснува друг прилепчанец.
Инаку, Прилеп е првиот град во кој се организира оваа акција, пред се заради досегашниот исклучително слаб интерес на прилепчани за вакцинирање. Следни на ред се Скопје, Куманово и Велес, информираат од Станица П.Е.Т.
Каролина Дурло