Џафери закажа седница без согласност на опозицијата- зошто власта на сила турка он лајн Собрание?

Дали власта на сила ќе се обиде да воведе он лајн работа на Собранието со цел да го прикрие тенкото парламентарно мнозинство? Спикерот Талат Џафери за четврток ја закажа седницата, каде по брза постапка треба да се изгласа предлогот за дополнување на собранискиот Деловник, што предвидува вклучување на работа од далечина на пратеници со Ковид 19 и во самоизолација, во работата на Парламентот и работните тела.

Според предлог решението за присутни пратеници на седницата, ќе се сметаат оние кои известиле дека ќе учествуваат и одлучуваат со употреба на безбедно комуникациска технологија.

-Јавното гласање на пратениците кои учествуваат и одлучуваат на седницата од далечина се врши со изјаснување по повикот на претседателот на Собранието со ‘за’, ‘против’ или ‘воздржан’ за прашањето за кое одлучува Собранието“. Се предлага во записникот задолжително да се внесуваат пратениците кога на седницата на Собранието учествувале и одлучувале од далечина, се вели во предлогот.

Ваквиот предлог поддршка има само од владејачките СДСМ и ДУИ, а против него се опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернтива, кои не ни присуствува на координацијата кај Џафери, кој според партијата на Зијадин Села, еднострано решил да стави на гласање предлог за кој двете страни не се ниту блиску до договор.

Опозициските партии велат дека ова е обид на СДСМ и ДУИ да го прикријат тенкото мнозинство од само 62 пратеници и оти со тоа се прекршувал Уставот. Владејачките партии пак сметаат дека треба да им се овозможи на пратениците да работат од дома само кога за тоа пратеникот ќе има решение од соодветна здравствена институција.

Матеја Петровски

Поврзани вести