Џафери не дозволува ВМРО-ДПМНЕ да формира повеќе пратенички групи

Нема таква можбост…рече Талат Џафери – спикер на Собранието

Вака кусо одговори претседателот на Собранието Талат Џафери, на најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека е можно пратеничката група на опозициската партија да се подели на повеќе групи. Најголемата опозициска партија ова го разгледува како можност откако спикерот Џафери не им дозволи на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да зборуваат на седницата за интерпелацијата на Спасовски. За Џафери формирање на повеќе пратенички групи не било можно, иако  пред неколку години СДСМ дејствуваше токму така во Парламентот. Џафери вели во 2017та и сега не било исто, имало различна политичка клима.

Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ,  пак контра Џафери, вели деловникот дозволувал формирање на повеќе пратенички групи.

-Има правна основа за формирање повеќе пратенички групи. Но ние по празниците ќе го преиспитаме севкупното однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери, посебно кон опозицијата, вклучително со опцијата за поднесување интерпелација против него,истакна Никола Мицевски – од ВМРО-ДПМНЕ.

И пратеникот од Алијанса и Алтернатива, Елми Азири вели дека можност за повеќе пратенички групи деловнички постои.

Владејачката СДСМ стравува дека формирањето на повеќе пратенички групи навестува црно сценарио.

Најавата за формирање повеќе пратенички групи е навестување за нешто слично како на 27 април 2017. Особено по учеството на ВМРО-ДПМНЕ на протестот за одбрана на осудените за насилствата во Собранието на 27 април –рече Костадинов, пратеник од СДСМ.

Во меѓувреме, работата во собранието не оди баш глатко. Џафери обвинува дека законодавниот дом е блокиран,  Мицевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокира само законите за кои имаат сериозни забелешки, а Алијсанса и Алтернатива ќе ги повлечат сите поднесени амандмани, тогаш кога ќе постигнат договор со власта за нов Закон за државјанство.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста