Џафери не чувствува одговорност што се стави во чевлите на Иванов

Собранискиот спикер не чувствува никаква одговорност за објавувањето на законите во Службен весник без параф од претседателот. Талат Џефери тврди дека постапил во согласност со Уставот и законите, дека му дал доволно време на Ѓорге Иванов да ги потпише указите.

„Вчера, во својство на претседател на Собранието, во согласност со моите надлежности, потпишав два указа и ги испратив во „Службен весник“ врз основа на членовите 52 и 75, со објаснување зошто указот е потпишан само од моја страна….Според процедурите, Иванов не го почитува Уставот и со тоа непочитување прави злоупотреба на службената положба“ , истакна Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ со остра реакција – најавуваат кривична пријава за собранискиот претседател. Велат дека за ова дело се предвидува затворска казна од најмалку пет години.

Од Владата се изземаат од одговорност – велат дека донесувањето на законот за јазиците и на законот за ратификација на Преспанскиот Договор е во целосна надлежност на Собранието, но ја поддржувале одлуката на Талат Џафери.

„Владата ја поддржува одлуката двата закони да бидат објавени во ‘Службен весник’ со потпис на Претседателот на Собранието, имајќи го предвид прекршувањето на Уставот од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов“ се наведува, меѓу другото, во соопштението.

Од Владата тврдат и дека Претседателот бил должен да ги потпише указите, па кога тоа не се случило било неопходно да се преземат мерки кои биле во согласност со Уставот.

Мери Ѓорѓиевска