Џафери ќе го врати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за пратенички прашања

Владата во оставка може да дели тендери на лица блиски до мнозинството, но не може да одговори на бројните пратенички прашања кои и на крајот на годината беа одбегнати. Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ реагира дека по денешната изјава на собранискиот спикер Талат Џафери да го одбие како неосновано барањето на опозицијата уште еднаш ги покажува двојните стандарди со кои се служи власта, вели за Алфа координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски .

-Двојните стандарди на владејачкото мнозинство повторно излегоа на виделина. Пратенички прашања не се поставуваат на министри кога нив им одговара, а гледаме дека владата во оставка функционира и дели тендери на лица блиски на власта. Дополнително пратенички прашања се поставуваат и на носители на јавни функции, вклучувајќи го и спикерот Талат Џафери. Во Последната година и пол само 8 пати се одржа седница за пратенички прашања, а во последните пет месеци во кои се случија толку несреќи владата не одговори на ниту едно прашање, вели Мицевски во телефонска изјава за Алфа.

За спикерот Талат Џафери испратеното барање на ВМРО-ДПМНЕ да свика итна седница за пратенички прашања е беспредметно. Вели дека на ова прашање одговорил уште на 23. овој месец, по нивното процедуралното интервенирање.

-Според договореното на координација претходно, консензуално беше определено 23 декември да биде денот на одржување на пратенички прашања, и со тоа се заокружува обврска на Собранието да ја планира активноста што произлегува како обврска од Деловникот. Барањето е беспредметно и мислам дека ќе биде вратено со ова образложение, затоа што како што кажавме Владата е во оставка и мандатот на владините претставници е престанат, а на пратенички прашања, според Деловникот по секоја цена треба да биде премиерот, а кој премиер ќе биде, кој нема мандат. Значи од таа причина не може да се очекува, нагласи Џафери.

Според извештајот за сработеното, од закажани 59 седници завршени се само 39…во 2021 година се донесени вкупно 209 закони, од кои по редовна постапка се донесени 111, а по скратена постапка се донесени 79. Дури 188 закони иницирала Владата, 21 се поднесени од пратеници во Собранието, донесени се и 21 закон за ратификација на договори помеѓу Република Македонија и други земји.

Ивана Соколовиќ Најдова