Џафери го одмолчи барањето за итна седница за разрешување на Филипче и Хасани

Истекоа десетте дена деловнички рок во кој собранискиот спикер Талат Џафери требаше да одговори на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за свикување итна седница за оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани по трагедијата во Тетово. Од Кабинетот на Џафери нема одговор зошто не се одговара по барањата на опозицијата.

Пратеникот Антонио Милошоски кој во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поднесе барањето во изјава за Алфа вели дека непостапувањето на Џафери е доказ дека на владејачкото мнозинство им се побитни фотељите наместо одговорноста пред народот.

-Ваквиот однос на власта го покажува нивното игнорирање на она што е потреба да се дознае во јавноста, кој е одговорен за оваа најголема здравствена трагедија во изминативе 20 години во Македонија. Но, очигледно е дека Талат Џафери и во овој случај се поставува како министер во владата на Заев и Ахмети наместо да се постави како прв човек меѓу пратениците и да побара контрола и одговорност од владата, вели Милошоски.

Во фиоката на Џафери е заглавено и барањето за формирање на анкетна комисија која треба да расправа за катастрофалната трагедија во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица.

Извештајот за несреќата веќе е во тетовското обвинителство, а до крајот на месецов се очекува да пристигне и експертизата на германските форензичари. И додека се чекаат стручните мислења, македонските институции утврдија дека за страшната трагедија виновен е единствено продолжен кабел на кој биле приклучени дефибрилатор и полнач за мобилен телефон.

Ваквиот извештај експресно ги спаси од одговорност Филипче и Хасани, оти премиерот Заев утврди дека немаат никаква вина за трагедијата. Сепак за оставките на Филипче и Хасани е надлежен парламентот, како институција која им дава мандат за вршење на функцијата, па оттука има надлежност и да одлучува за нивните оставки.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста