„Дежа ву“ како за платформите на Матка: Шилегов нема ингеренции за дивоградбата во Мавровка

Се повторува ли истото сценарио како за платформите на Матка? Шилегов не знае кога ќе се изврши инспекциски надзор за објектот што се гради кај трговскиот центар „Мавровка“. Иако таму повеќе од еден месец расте бетонско здание, Шилегов вчера добил известување  од Инспекцискиот совет.
дека сега на потег се Државниот инспекторат и Општина Чаир кои треба заеднички да спроведат инспекциски надзор. Вели не бил моќен да преземе нешто иако било јасно дека објектот е дивоградба.

  • Град Скопје нема никакви ингеренции во градежната инспекција. Оние малку ингеренции што ги имаме за надзор на градилиште и тој тип на надлежности ги искористивме со цел да направиме записник за тоа градилиште, да изречеме казна на несовесниот градител и за тоа соодветно да ги известивиме надлежните институции. Тоа се Општина Чаир, дека станува збор за дивоградба со оглед на тоа што нашиот Инспекторат не најде валидна документација, Инспекцискиот совет како надзорен орган кој врши надзор врз градежната инспекција на Општина Чаир и МВР, Сектор за економски криминал, рече Шилегов.

Речениците на Шилегов се речиси идентични со оправдувањата негови кога лани се префрлаше топката кога дивите платформи на Матка требаа да се урнат.

  • Ние немаме никакви ингеренции за дивоградбите, каков е статусот на останатите две платформи во езерото Матка ми е непознат. Тогаш како градоначалник на Скопје изреагирав на тоа што сите во тој момент реагираа – рече Шилегов на 13.06.2019.

Меѓу другото скопскиот градоначалник не знае колку дивоградби има во Скопје.  Според информациите до кои стигна Алфа, има 255,329 поднесени  барања за легализација  во земјава, а 87,195 само во Скопје. Доградби, надградби, објекти за домување и тераси кои се граделе без одобрение, а најмногу од нив се во приватна сопственост.

Новите планови на градскиот татко се по формирањето на новата Влада да бара на општините да им се одземат ингеренциите на градежниот инспекторат и тие да му бидат дадени на Град Скопје.

Викторија Миткова

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста