Детските иготеки пред колапс и без слух од државата за нивно отворање

Детските иготеки пред колапс и без слух од државата за нивно отворање, се жалат од Групацијата на забавни, рекреативни и едукативни дејности. Велат дека бројот на неработни денови бил трицифрен и веќе влегуваат во петтиот месец на кризата која почна во март.

Претседателот на Групацијата Трајко Николовски за Алфа рече дека веќе немаат ни денар, зашто воопшто не работат. Мерката од 14.500 велат била недоволна, зашто прометот не им бил опаднат за 30% за што е наменета, туку 100% намален.

– Комисијата за заразни болести да даде препорака да ги отвориме објектите по примерот на земјите од соседството, кои што повеќе од еден месец беспрекорно работат, затоа што животот продолжува со почитување на протоколите за заштита на здравјето. И трето во време кога секој од нас е важен, кога се бориме за секое работно место, кога сите сакаме нови инвестиции, нови вработувања, јавно прашуваме, што ќе се случи со нашите инвестиции во кои работат повеќе од илјада луѓе и егзистираат исто толку семејства, вели Николовски.

Состојбата во која се наоѓаме е алармантна, вели Николовски и додава дека ако државата итно не преземе нешто ќе бидат приморани да ги стават под хипотека своите домови.

До Комисијата за заразни болести велат ги предале протоколите за работа, кои налагаат често дезинфицирање и проветрување на просториите. Родендените, велат, продолжуваат да се организираат во домашни услови и ресторани, без соодветни протоколи.

– Како може во кафана во таа гужва да слават, а ние не, башка се тоа ќе биде како што треба и со протоколи. Периодов до Комисијата за заразни болести ги предадовме и предлог протоколите кои самите ги изработивме, следејќи и прифаќајки ги позитивните примери на земјите од соседството, кои сме подготвени да ги почитуваме во целина. Сите предлози и дополнувања од Комисијата за заразни болести се добредојдени, изјави Николовски.

Компаниите од секторот итно бараат финансиска поддршка во висина на половина од просечниот месечен бруто приход земен од времето кога работеа, како би можеле да ги подмират закупнините и режиските трошоци, како и покривање на платите и придонесите.

Ако и натаму не се чуе нивниот глас, велат дека над 1.000 семејства ќе останат без егзистенција, и ќе бидат приморани да ги отпуштат сите вработени.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста