Детска кардиохирургија под лупа на Антикорупциска

Antikorupciska

Дали клиниката „Жан Митрев“ легално се стекнала со дозвола да оперира деца до една година? Каков вид на договор за јавно-приватно партнерство е склучен со Фондот за здравствено осигурување за детската кардиохирургија? Дали со заминувањето на единствениот детски кардиохирург во земјава Д-р Владимир Чадиковски, болницата „Жан Митрев“ ја губи дозволата за да извршува вакви операции?

На сите овие прашања одговор треба да даде Антикорупциска, која „ќе ја чешла“ целокупната документација, по скандалот што избувна во јавноста, a откако од Министерствотото и од Клиниката потврдија оти во наредните недели, без лиценцираниот детски кардиохирург ќе се оперираат околу 20 бебиња.

-Ќе бараме документи. Да утврдиме дали постапката за доделување на лиценцата за вршење на дејноста од областа детска кардиохирургија на специјализираната болница е спроведена согласно одредбите од законот. И со тоа што Чадиковски даде отказ дали има услови за прогласување едностран раскин на лиценцата поради губење економски, технички или оперативни способни потребни за вршење на дејноста, изјави Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

А додека Антикорупциска истражува, надлежните од здравство решија да молчат. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување не одговорија на прашањата на Алфа во однос на договореното со клиниката „Жан Митрев“. Без коментар остана и министерот Венко Филипче, откако на дирекно прашање на Алфа, нè упати одговорите да ги побараме во ФЗО.

На одлуката детската кардиохирургија да функционира во „Жан Митрев“ преку модел на јавно-приватно партнерство, не и претходеа анализи и дебати, а образложението на здравствените власти беше оти немало услови оваа гранка да се развива во државното здравство.

Сања Трајковска Ставров