Дескоска алармира: Маричиќ не смее да го забрани името Македонија- Мицкоски ќе бара одговорност

Одлуката на Маричиќ да ги забрани термините Македонија и Република Македонија, е противуставна и не е обврска од Преспанскиот договор, смета неговата претходничка во министерството за правда, Рената Дескоска. Таа вели дека нема забрана ниту во јавни изјави на граѓаните, да се користи терминот Македонија, Македонци, македонско. Името со Северна е обврска само при официјална комуникација.

-Нема никаква забрана ниту во Уставот ниту во Преспанскиот договор, приватни лица, невладини организации, синдикати или приватни фирми  да го имаат во својот назив името „Македонија“, „Македонци“, „македонски“. Додека јас бев министер, беа одобрувани сите барања со употреба на овие термини. Од позвучните имиња  што во мое време добија дозвола за користење на името Македонија е фирмата „А1 Македонија“ која е ребрендиран „ВИП“, вели Дескоска.

На ваквиот потег на Маричиќ остро реагираше опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели наместо да ја забранат корупцијата, власта го забранува терминот Македонија. Најавува одговорност за сите противзаконски постапки на владините функционери.

-Знаевме дека цензурираат, знаевме дека опструираат, но не знаевме и дека се фашизоидни. Но треба да не го потценуваат народот и не треба да потценуваат тоа што следи, а следи пораз, дебакл и одговорност за овие луѓе. Така што, јас кога би бил на нивно место би бил сериозно загрижен за постапките кои што ги прават под диктат на Зоран Заев. Понижување и омаловажување на самата Македонија како држава, изјави Мицкоски.

Ваквата одлука на Маричиќ доаѓа по само еден месец, откако токму тоа го побара шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас, иако такво нешто не е запишано во Уставот.

-Потребен е поголем прогрес – од една страна во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет-страници, а од друга страна потребен е и прекин на антиквизацијата – отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на патишта и објекти, иозјави Дендијас на 14.01.2021.

Жестока реакција на ваквиот потег на власта пристигна и од поранешната пратеничка Лилјана Поповска од ДОМ, коалициониот партнер на СДСМ. Смета дека ова е погрешно читање на Уставот, забрана на зборот Македонија нема никаде. Вели Македонија, Македонци, македонски јазик, се единствените светли точки од Преспанскиот договор, а сега наши пратеници сакале да ги избришат и нив. Поповска порачува не може и не смее.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста