Десетина од 29 мерки треба да одобри Собранието, Законот за помош за плати пред пратениците

Нема ништо од петтиот пакет помош за спас на фирмите и граѓаните. Власта ги презентираше мерките, но за да има ефект од нив тие треба и да се применат. Проблемот е што одлуката чека на виза во парламентот. Дури десетина од вкупно 29-те мерки мора да се визираат со закон. Зошто се чека засега е нејасно. Владината одлука е испратена во парламентот но седница за усвојување нема.

- Некои од мерките се носат со законски решенија, а некои со заклучоци од Влада или треба да се спроведат со постојните програми што веќе се утврдени од различните институции или органи на управата. Мерките ќе се спроведуваат во текот на целава година низ инклузивен процес. За она што беше најитно – финансиската поддршка на плати, законското решение беше усвоено на Влада дента кога се промовираа мерките и веќе е влезено во собраниска процедура за усвојување. Сметам дека тука завршува можноста ние како извршна власт да реагираме за тоа кога и како би се донел законот, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Власта се права но дилемите се отворени. Клучната е зошто нема итна процедура со оглед дека е потребно обично мнзинство за усвојување на законите, кое власта го има. Битиќи сепак е оптимист дека мерките од петтиот пакет ќе стигнат навреме.

- Затоа најбрзо што е можно треба да бидат донесени низ собраниската процедура. Како функционер сум поставен да им служам на граѓаните, а и пратениците, исто така. Сметам дека мојот мандат завршува кога ќе најдеме соодветно решение и ќе го испорачаме до Собрание. Сметам дека доблеста на секој од нас е да се воздигнеме над нашите партиски и лични интереси за да им помогнеме на граѓаните кога им е најтешко. Токму затоа сметам дека ќе се најде кворум и доблест Собранието да работи и прекувремено ако треба за што тоа е одговор кон потребите на граѓаните, посочи Битиќи.
Претходно, Коморите реагираа и на процедурите кои и натаму Владата не ги поедноставува за да може полесно компаниите да користат помош од државата.

Инаку, последниот сет содржи 29 мерки, а со нивна реализација, Владата се надева дека економијата ќе почне да заздравува. За овој пакет предвидени се 160 милиони евра, но засега на располагање Владата има само 50 милиони евра. Остатокот доколку е потребен ќе се обезбеди со ребаланс на буџетот.
Борис Грујоски