Десет починати од ковид 19 за само 2 дена во Прилеп, нови мерки засега нема

     Дури 10 починати лица само во последниве два дена и високи двоцифрени бројки на новозаразени. Прилеп – македонскиот Вухан, продолжува да го следи алармантно загрижувачкиот црн биланс на Ковид-статистиката, кој во континуитет е присутен во последниов месец. Ситуацијата се влошува наспроти уверувањата на министерот Филипче кој при минатонеделната посета на градот кажа дека состојбата била под контрола, и ги одби барањата на градоначалникот Јованоски за воведување на нови, порестриктивни мерки и карантин. Прилепчани пак, со право загрижени за своето здравје и живот, на социјалните мрежи бараат одговорност од надлежните, но и се’ повеќе се соменеваат во лекувањето, особено на хоспитализираните пациенти.

„Добро пишуваме за бројката на починати, ама немој да се позаинтересира некој зошто и како починуваат! Денеска, мојот свекор почина САМО од негрижа во Болницата, а не од тоа што го пишале“, реагира една прилепчанка на социјалните мрежи.

    „Зошто паника, минстерот беше дојден во Прилеп и кажа се е под контрола. Верувајте му на зборовите“, иронично пишува друга.

„Се гледа колку е во ред. Бројкиве кажуваат. Туку, Господ да ни е на помош“, – вели трета.

„Точно се јавуваме кај матичните лекари со симптоми. Тие ни велат – секако имате Корона, ама тестови нема. Нема тестирање. Седете дома и лекувајте се. После 14 дена ни го прекинуваат боледувањето без да не прашаат дали сме добри. Ова е ужас што се случува во Прилеп“.

„Да не бидам погрешно сфатен, ама ко се преврти кајчето во Охрид, капетанот го осудија, и фирмата…Не може народот да биде крив за се. Рибата од главата се расипува“.

  Градоначалникот пак, утринава, во телефонски разговор за Алфа, ни изјави дека состојбата ја следи будно и повика на трпение и смиреност кај граѓаните барем за во наредните 3-4 дена, бидејќи во изминативе неколку дена за 10 проценти бил намален притисокот на пациентите и за прегледи и во Болницата. Тој очекува дека тој тренд ќе продолжи, иако, признава дека вирусот е крајно непредвидлив. Јованоски барем засега не размислува за воведување на нови рестриктивни мерки.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста