“Денови на финансиска писменост“ за едукација за финансии

Финансиската писменост е основен предуслов за финансиска стабилност во општеството и носење правилни одлуки од страна на граѓаните. Во насока на зголемување на нивото на финансиска писменост на граѓаните регулаторите од оваа област од денеска во наредните денови ги организираат Деновите на финансиска писменост.

На Деновите за финансиска писменост пред МФ, учествуваат Министерството за финансии Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување, МАПАС, како и банки, осигурителни друштва, штедилници и други финансиски компании.

Целта е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголеми свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.

-Преземаме активности за поголема финансиска инклузија. За таа цел во изработка е Законот за платени системи и платежни услуги кој го подготвуваме во соработка со Народна банка. Тој предвидува воведување платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин. Исто така, со законот ќе се воведат решенија што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги, рече министерот за финансии Драган Тевдовски и посочи дека Министерството презема и мерки за заштита на правата на потрошувачите преку совети за безбедно користење на финансиските услуги.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека се промовира свесноста за поголемо ниво на финансиска писменост во нашата економија.

-Подигнување на нивото на свесноста на финансиската писменост стана една од основните одлики и на централнобанкарското работење во овој посткризен период. Од кризата научивме дека финансиката писменост е основен предуслов за финансиска стабилност во општеството. Овие активнсоти се значајни не само од аспект на поединецот да му овозможат да донесе поадекватни финансиски услуги, а преку тоа и промовирање на нивната заштита. Од корист се за целото општество, бидејќи повисокото ниво на финансиската писменост корелира со високото ниво на финансиска стабилност во секоја економија, истакна гувернерката

Таа додаде дека како централна банка на редовна основа објавуваат податоци за платниот промет што се подлога за правење различни анализи од страна на регулаторите и преземање мерки што можат да значат промовирање на финансиската писменост, бидејќи, според неа таа во основа треба да овозможи носење адекватни одлуки кои значат избегнување преземање прекумерни ризици.

Климе Попоски од АСО истакна дека со развој и ширење на финансиската писменост се добива стабилен финансиски систем и развој на финансиските услуги.

Првите луѓе на останатите институции што се вклучени во организацијата на Деновите на финансиска писменост информираа дека во овие денови ќе бидат отворени вратите на нивните институции за да може да се информираат граѓаните за сите прашања од делокругот на нивната работа.