Денеска официјално започна пописот
И покрај противењата и реакциите во јавноста, Државниот завод за статистика почна да го спроведува попишувањето. Затворениците од казнено поправната установа во Куманово, се првите кои ќе влезат во статистиката, заедно со иселениците, дипломатите, припадниците на армијата и бездомниците. Според првиот човек на Заводот за статистика пописот е неминовен за развој на државава.
Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација – изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Министерот за правда Маричиќ кој заедно со Симовски го посетија затворот во Куманово, уверува дека сите дискусии околу пописот завршиле минатата недела со верификацијата на Евростат дека попишувањето ќе било согласно сите стандарди.
Сите треба да имаме доверба во пописот затоа што професионално се изведува, според точно утврдени правила и стандарди со сите заштитни мерки поврзани со Ковид-19 и можеме на еден брз и ефикасен начин да го завршиме во интерес на граѓаните – изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.
Иселениците и дипломатите ќе се попишуваат онлајн преку апликацијата на Државниот завод за статистика. И покрај реакциите дека апликацијата не фунцкионира, Симовски тврди дека до сега никој не пријавил проблем дека има потешкотии при самопопишувањето. Претходно, Министерството за надворешни работи информираше дека заедно со Заводот преку сите канали ќе ги информираат иселениците за почетокот на попишувањето.
Адријана Алексиеска