Денешниот изборен ден во Прилеп продолжува да тече без изборни нерегуларности

Денешната, неочекувано голема излезност на граѓаните на десеттите по ред, вонредни парламентарни избори, како да ги поби сите предизборни стравувања дека граѓаните се уплашени од Корона-кризата и дека ќе апстинираат од гласањето повеќе од вообичаено. Состојбата на теренот, уште од раните утрински часови, со самото отворање на избирачките места, го покажа сосема спротивното, барем што се однесува до Прилеп. Имено, од вкупно пријавените 64.004 гласачи според Единствениот избирачки список кои гласаат на 130 избирачки места, според информациите од ИШ на една политичка партија, до 16 часот во Прилеп излегле да гласаат дури 44 проценти. Ова, споредено со претходните изборни циклуси, за 26 проценти е помалку во однос на последните парламентарни избори од 2016-та година, а додека во однос на вториот круг од ланските претседателски избори е за само 4 проценти помалку. Со други зборови, до 16 часот на Парламентарните избори во 2016-та година, на гласање излегле 66,5 % од избирачкото тело, а додека на вториот круг од Претседателските избори кои се одржаа минатата година, до 16 часот на гласање излегле 48% од евидентираните прилепчани со право на глас.

Ги прашавме прилепчани што ги натера масовно да излезат на гласање и покрај се уште присутната опасност од ширењето на Коронавирусот. Некои од нив ни одговорија дека за државата се работело, а други пак, велат дека со вака преземени заштитни мерки, шансите за заразување со опасниот вирус биле еднакви на секојдневните.

Инаку, според последните информации кои што ги добивме од ОИК, и по 10 часа од почетокот на гласањето, до нив не била стигната ниту една преставка за било какво нарушување на изборниот процес. Избирачките места, на денешниов изборен ден се затвораат во 21 часот. Гласањето ќе трае 14 часа заради вонредните околности во кои се гласа, а условени од Корона-кризата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста