Ден по преговорите со премиерот, откупот на тутунот по старата шема ?!

Ден по преговорите со премиерот и од неговите ветувања дека тој лично ќе помогне за решавање на проблемите со годинашниот откуп на тутунот, состојбата на терен, засега, генерално останува непроменета. Откупувачите и денеска си ја тераат старата шема, реагираат на социјалните мрежи револтираните тутунопроизводители, кои се помалку веруваат и дека ветеното ќе биде исполнето.
„Утре ќе се предомисли, не верувајте му….“
„Значи, ништо од договор, од утре уште полошо“
„Надежта последна умира, дали и денешниот оптимизам утре ќе го снема?!“
„Добро, г. Заев, нели ви е срам уште да не лажете со тутунов?! Алооо, идат избори, со какво лице ќе излезете пред народот ?! Дали имате малку од малку лице?!“ – пишуваат тутунопроизводителите на социјалните мрежи.
Освен недовербата во реализацијата на вчерашните заклучоци од средбата со премиерот, кај ИО постои недоверба и кон Сојузот на земјоделски здруженија, иако и тој учествува во преговорите.
„Сојузот на земјоделски здрженија ако си го завршеше добро својот дел од работата, денес немаше потреба да постои ИО и мачни преговори кои никој не знае дали ќе дадат резултати. Тутунари, Сојузот е тој кој дозволи да се протнат штетните договори, Сојузот е тој кој треба да се бори на пунктовите за што повисоки цени, Сојузот е тој кој располага со стотици илјади евра. Кажете, што аир видовте од Сојузот?!“– напиша на фб, Васко Јосифовски од ИО и член на преговарачкиот тим со премиерот.
Од друга страна, за ова, уште пред петанесетина дена предупредуваше и претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Ванчо Коцев, кој веќе три години води институционална борба за да докаже дека тие го имаат легитимитетот и според кого Сојузот на земјоделски здруженија бил само продолжена рака на власта.
“Во 2019 година формираа нов Сојуз на земјоделци кој нема врска со тутнопроизводството. Неговата регистрација е дејност 10-9, а нашата е 10-4 и е струково тутунско здружение. Ние имаме жалба и бараме повторно разгледување на сите документи, бидејќи позади нас стојат над 10.000 тутнопроизводители и тие не се свесни кој ги претставува сега, туку овие ги лажат…“ – ни изјави, тогаш за Алфа, Ванчо Коцев, претседател на Сојузот на здруженија на тутнопроизводители на РМ. (10.12.2020 г.)
Во легитимитетот и чесноста на Сојузот на земјоделски здруженија, подолго време се сомневаат и самите тутунари. Тие, на еден од неодамнешните протести, побараа дури и оставка од престседателот на Сојузот, Менде Стомнароски.
Каролина Дурло