Денот на трудот во карантин – корона кризата се удри врз грбот на работникот

Незаштитени повеќе од кога било – вака работниците го дочекаа Први мај. Им се закануваат 50.000 откази – предупредуваат синдикатите. Коронавирусот удри врз работничките права – голем дел од работниците добија откази, други имаат намалени плати, трети воопшто не се исплатени. Денот на трудот за првпат поминува со празни улици, без протести и маршеви. Од друга страна, многу Македонци за Први Мај се на своите работни места, од пекари и продавачи до новинари и таксисти, а за својот труд треба да добијат празнична дневница.

Работничките и работниците да не молчат ниту во време на пандемија! И со маски, да бидат гласни! – им порачаа преку Првомајски проглас 11 синдикати. Тие се гневни затоа што најголемиот товар од кризата паднал врз грбот на работниците, додека богатите продолжиле да се богатат на маката на сиромашните. И порачаа на Владата дека е крајно време да му помогне на малиот човек, односно на работниците и сиромашните. Револтирани од Уредбата на Владата, побараа да не се дава финансиска поддршка на фирми кои отпуштаат луѓе во време на коронакризата, надомест да добиваат и оние што потпишале спогодбен отказ, платите на работниците да не можат да се намалуваат повеќе од 20% во овој период, а минималец од 14.500 денари да им следува и на хонорарците.

„Некаде околу 40 до 50 илјади вработени можат да останат без своите работни места. Само во март се останати 6-7.000, иако ја кријат таа бројка, но се дојде до бројката дека 6.700 работници се оставени без работа во овој период во текот на март. И сега, вчера како што разговаравме, буквално беше ветено и се надевам дека тоа ќе помине, дека сите тие што се оставени без работа ќе бидат вклучени во субвенции кадешто државата ќе им дава пари во овој период и на тие што останаа без своите примања“ – вели Марјан Ристески од Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).

Од Сојузот на синдикати ќе организираат т.н. дигитален марш, односно само видео порака за тешката задача за заштита на работничките права во овој период. Од ССМ се децидни дека нема да дозволат фирмите што ќе отпуштаат вработени да добијат државна помош.

„Нашиот предлог беше јасен, секое испуштање треба да биде според Законот за работни односи, како заминување во пензија, инвалидитет, нарушување на дисциплината и редот , како што е пропишано според Законот, а не самоволно да им дозволиме на работодавачите да ги испуштаат нашите работници особено оние што се пријавени на определено време“ – вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ).

Синдикатите бараат и задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки. Исто како и превозниците, сметаат дека е добра идеја да се воведе прогресивен данок на добивка, односно данок од 20% на профитот кој надминува 1 милион евра. Според нив, на овој начин ќе се даночат најпрофитабилните 200 фирми во земјава, а ќе се соберат дополнителни 100 милиони евра годишно. Со воведување на прогресија кај данокот на личен доход, пак, ќе се собереле уште 50 милиони евра годишно. Синдикатите предлагаат стапка од 20% за доход над 1.500 евра месечно и 30% за доход над 2.500 евра. Синдикатите сметаат и дека треба да се укине покачувањето на акцизите, да се укине горниот лимит за пресметка на придонеси и да се воведе данок од 30% на исплатените дивиденди.

Според последната анкета на Сојузот на стопански комори, дури 15% од фирмите во време на коронакризата поделиле откази.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста