Ден на трудот – некој на скара, некој на работа

1 мај – празник на трудот, неработен, ама само за дел од работниците. За кого како…некој на грчките острови на одмор за велигденскиот продолжен викенд и првомајската борба за унапредување на работничките права, некој на скара во природа, дел протестираат, ама има и такви што се на работа, како секоја среда.

Граѓаните пред објективот на камерата на Алфа велат дека овој ден пред се наменет за уживање во природа, за одмор од работа, но и за протести, за повисоки плати и борба за имплементација на законот за работни односи. Според граѓаните, поголем број од работодавците не ги почитуваат правата на работниците и сметаат дека на 1 Мај никој не треба да работи.

Министерката за труд и социјална политика Царовска вели дека фирмите треба да најават дека ќе работат на празник, а на вработените мора да им платат дополнително.

Првите синдикални зачетоци на територијата на нашата земја датираат од 1908 година, кога е формиран првиот Синдикат на чевларските работници.
Сè до 2006 година се празнуваше два дена (1 и 2 мај), а од 2007 година се празнува само еден. Вообичаено кај нас овој ден е синоним за скара и природа. Традиционално на 1 мај голем број граѓани ги посетуваат излетничките места, а многу помал број излегуваат на улица за да побараат почитување на законот за работни односи и негово унапредување, па ако веќе се работи прекувремено, или пак на празник, трудот да се плати дупло.

Сања Трајковска Ставров