Ден на Eвропа: Mакедонија подалеку како никогаш досега од ЕУ?

Станува ли се појасно дека Македонија ќе извиси на европскиот пат…Откако Брисел неколкупати преку своите европски претставници укажа дека земјава ќе биде исклучена од пакетот со Албанија за почеток на преговори, вицепремиерот Никола Димитров со остра порака до Унијата -.Македонија ги исполни сите услови и се што требаше да стори на линија на европските принципи. За него било луксуз Европа се уште да ја држи Македонија на стенд бај.

-Очигледно е дека огромно мнозинство членки сакаат да почнеме преговори што е можно побрзо, тоа е ставот на ЕУ. Северна Македонија е тест дали треба да и веруваме на ЕУ, не само ние, туку и целиот Балкан,вели Димитров.

Шефот на европската делегација во земјава Дејвид Гир пак резервиран, ЕК работела на тоа да се закаже меѓувладина конференција и со двете земји, но се уште не бил дојден тој момент, проширувањето бил процес на заслуги . Топката ја префрли на Советот кој ја носи одлуката.

-Позицијата на ЕК е апсолутно јасна. Комисијата сака да види одржување на меѓувладината конференција, односно почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија што е можно побрзо. Процесот е заснован на заслуги а двете земји имаат направено многу во однос на тој процес. Време е да се оди напред, т.е. да се направи напредок, рече Гир.

За ултиматумот кој се поставува со историските прашања Димитров на Денот на Европа испрати порака дека Бугарија е предизвик, но нема веќе време за чекање.

А премиерот Заев пак во интервју за Катимерини вели дека и покрај позитивните извештаи од Европската Комисија и покрај Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак поради ветото од Софија, Македонија не ги започна преговорите со ЕУ.

-Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За Северна Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, било каква интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации, вели Заев.

Вицепремиерот Димитров утре во придружба на премиерот Заев на средба со шефицата на ЕК Урсула Фон Дер ЛАјен во Брисел ќе се обидат да ја убедат оти Македонија заслужила да ги почне преговорите.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста