Делта сојот се шири низ САД – дневно се регистрираат по над 100 илјади случаи
Варијантата Делта се шири низ Соединетите Држави. Четвртиот бран на Ковид-19 е во полн ек, во просек секој ден се регистрираат по над 100 илјади нови случаи.
Најкритично е во областите со најниски стапки на вакцинација. Повеќе од половина од новите случаи се во само седум сојузни држави, претежно од југот на земјата. Болниците во Флорида, Алабама и Луизијана се преполни.
„Нема повеќе кревети. Ова се најмрачните денови од пандемијата. Повеќе не им пружиме соодветна грижа на пациентите“, вели д-р Кејти Онил, директорка на болница во Луизијана.
Над 90% од новите инфекции и над 95% од хоспитализациите се меѓу невакцинираните.
Според податоците на Центарот за контрола на болести само 0.1% од вакцинираните луѓе завршуваат во болница и со компликации. Најкритичните случаи се меѓу оние што одбиле да се имунизираат.
„Ова останува пандемија на невакцинираните, најголемиот дел од ширењето во земјава е меѓу оние кои не се вакцинирани“, рече Рошел Валенски, директорка на Центарот за контрола на болести.
Стравот од новиот бран почна да предомислува дел од оние кои досега одбиваа вакцина. Пред еден месец на ден се даваа по само околу 300 илјади дози, а сега и над 600 илјади.
Дел од сојузните држави организираат наградни игри за да ги поттикнат луѓето.
„Вкупниот износ на наградата изнесува 2.3 милиони долари“, вели Марк Томас, Оддел за здравство на Луизијана.
И некои од универзитетите нудат можност за добивање стипендија за вакцинираните.
„Нудиме 60 различни стипендии од 500 до 10.000 долари. Стипендиите се само за наши студенти“, вели Џенифер Бот, Универзитет на Западен Мичиген.
Но, истовремено во други делови од земјата властите одат во обратна насока – Алабама, Арканзас, Флорида и Индијана забранија училиштата и универзитетите да бараат задолжителна вакцинација од учениците и студентите.
„Очигледни се тензиите меѓу индивидуалните слободи и јавното здравје. Ковид-19 и вакцините станаа премногу политизирани“, рече Вилијам Мос, Универзитет Џонс Хопкинс.
Во Соединетите Држави досега се дадени речиси 350 милиони дози вакцини. 50.5% од населението е целосно имунизирано.
Поради зголемениот број на инфекции, Центарот за контрола на болести сега повторно препорачува сите, и оние кои се вакцинирани, да носат заштитни маски во затворени простории.
За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.