Дел од родителите не сакаат да слушнат за онлајн настава, закани за бојкот ако се спроведе дигитализацијата
Родителите и учениците со поделени мислења, дел од нив сакаат настава со физичко присуство, дел не сакаат ниту да чујат. Епидемиолошката состојба со корона вирусот, високите бројки на заразени и починати на дневно ниво предизвикаа страв кај родителите кои сметаат дека онлајн настава е единствена опција за заштита на здравјето на учениците и наставниците. Бараат од Министерството да дозволи секој родител да може, само со молба до училиштето да побара неговото дете да ја следи наставата од дома.
Децата требат со физичко присуство, но поради тоа што доаѓа цунами, имаме секој ден по 30 починати, млади луѓе кои имаат тешки клинички слики, сметаме дека оваа година онлајн наставата треба да се одржи по секоја цена – вели Ана Глигорова од Здружение за поддршка на онлајн настава.
Од иницијативата Настава и учебници мора да има, од самиот старт се за настава со физичко присуство. Стојат на ставот дека местото на учениците е во училишните клупи и образованието не смее да трпи.
Но дополнителен проблем пред самиот старт на учебната година претставува и концепцијата за основно образование и дигитализацијата на учебниците. Иако министерката веќе ги промовираше дигиталните учебници за четврто одделение, од Здружението велат дека тоа што Министерството го направи без да ја послуша јавноста е повреда на родителските и детските права.
Најавија последен обид да ја спречат новата концепција а ќе поднесат претставки и до Уставниот суд.
Се припремаат претставки до Уставен суд за утврдување на судир на интереси и злоупотреба на положбата, се бара одговорност од министерката Царовска, министерството и колективна одговорност од Владата – вели Драгана Спасевска од „Настава и учебници мора да има“.
Од здружението кое брои над 80 000 членови најавија бојкот на наставата од први септември ако и при овој обид не успеат да ја премислат министерката Царовска.
Адријана Алексиеска