Дел од граѓаните не можат да ги одбијат понудите на банките, роковите при крај

Се искомплицира процесот на одложување на ратите на кредитите. Дел од оние граѓани кои сакаат да продолжат редовно да ги плаќаат кредитите, не можат ниту електронски да ги пополнат барањата, ниту пак да стапат во контакт со службениците. На некои софтверот не им ја прифаќа електронската апликација. Други, и по неколку денови, не можат телефонски да ги добијат банкарите. Некои, пак, не знаејќи како да ја одбијат понудата, прават метеж пред експозитурите. Телефоните за контакт непрестајно ѕвонат. Од банките велат дека имаат доволен кадар кој секојдневно одговара на сите прашања на граѓаните и фирмите.

„ПроКредит Банка располага со доволен број на советници за клиенти кои не само што примаат повици од граѓаните и фирмите, туку и проактивно ги контактираат клиентите и ги информираат за понудата за одлагање на наплатата на кредитните обврски. Контакт центарот на банката има зголемен број на вработени во овој период и сите пропуштени повици се побарани повратно во најкраток можен рок, односно од еден до два часа по повикот“ – велат од ПроКредит Банка.

Над 600 фирми клиенти на Халк банка, со над 9.600 вработени и со кредитна изложеност во банката во висина од 140 милиони евра, ја прифатиле понудата за одложено плаќање на ратите. Од Халк Банка велат дека одложиле плаќања во висина од 30 милиони евра.

„354 мали компании кои во банката имаат кредитна изложеност во висина од над 43 милиони евра и 198 микро компании со кредити во висина од 10,7 милиони евра ја имаат прифатено понудата на Халкбанк. Позитивно одговорија и 38 средни компании со изложеност од 33,9 милиони евра, како и 18 големи фирми кои имаат и најголема кредитна изложеност од околу 51,7 милиони евра“ – велат од Халк Банка.

Од ПроКредит банка, пак, велат дека досега 25% од граѓаните кои имаат кредит се изјасниле дека нема да ги отплаќаат кредитите во следните 3 до 6 месеци. Тие индивидуално ги контактираат клиентите.

Од другите банки засега нема конкретни информации, бидејќи роковите се уште течат.

Денеска истекува крајниот рок за одбивање на понудите за граѓани во Комерцијална Банка, а утре е последниот ден за изјаснување во Стопанска Банка, Охридска Банка и Уни Банка.

До 11-ти истекува рокот во НЛБ, Шпаркасе, ТТК и Стопанска банка – Битола.

Понеделник е крајниот рок за клиентите на Силк Роуд Банка, Централна Кооперативна Банка и Капитал Банка.

До 17-ти април, пак, треба да изјаснат граѓаните клиенти на Еуростандард банката.

КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА 09.04.2020 година до 16.00 часот
СТОПАНСКА БАНКА 10.04.2020 година до 23:59 часот
ОХРИДСКА БАНКА 10.04.2020 година
УНИ БАНКА 10.04.2020 година до 18.00 часот
НЛБ 11.04.2020 година
ШПАРКАСЕ 11.04.2020 година
СТОПАНСКА БАНКА – БИТОЛА 11.04.2020 година
ТТК БАНКА 11.04.2020 година
СИЛК РОУД БАНКА 13.04.2020 година
ЦКБ 13.04.2020 година
КАПИТАЛ БАНКА 13.04.2020 година
ЕУРОСТАНДАРД 17.04.2020 година

Јавноста се дигна на нозе бидејќи банките и во текот на 6 месечниот грејс период ќе пресметуваат редовни камати, кои потоа ќе ги додадат на долгот за враќање и покрај тоа што во нормални услови си конкурираат меѓу себе откажувајќи се од трошоци за одобрување на кредити, за проценка и слично. Оние што ќе одлучат да не плаќаат 6 месеци рати за кредити потоа ќе имаат повисоки рати. На пример, за кредит од 15 илјади евра со рок на отплата 10 години, ратите почнувајќи од октомври ќе бидат повисоки од 2 до 4 евра месечно.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста